Министерот за правда Бојан Маричиќ вели дека донесувањето на одлуката за стопирање на изградбата на Прифатен центар за странци во Бардовци и да се бара нова локалција надвор од населено место не била лесна, но, оти била неопходна со цел да се испочитува барањето на граѓаните.
–Верувајте ова не беше ниту лесна одлука, ниту нешто што можеше брзо да се направи, но го завршивме успешно и го завршивме во интерес и на барање на граѓаните. Владата вчера на седницата донесе одлука за стопирање на градбата на Прифатен центар за странци во Бардовци и одлука со која што беа задолжени две министерства да бараат нова локација вон населено место, така како што бараа граѓаните на Бардовци. Мислам дека е ова голема победа за граѓаните, но голема победа и успех и за Владата затоа што не може Владата без граѓаните, ниту граѓаните без Владата, изјави вечерва Маричиќ по средбата со граѓаните од Бардовци кои дојдоа пред Владата да ја поздрават нејзината одлука.
Министерот за правда вели дека во однос на ова прашање граѓаните имале дилеми и стравови и оти Владата покажала дека сака да ги чуе и да ги уважи.
-Покажавме дека сакаме да ги чуеме и дилемите и проблемите и стравовите на граѓаните и не само што сакаме да ги чуеме, туку сакаме и да ги уважиме и да донесеме соодветни одлуки за да имаат мирен живот, за да имаат спокоен живот и за да веруваат во институциите. Мислам дека ако ова го продолжиме како тренд, ако умееме да признаеме кога некогаш за нешто сме направиле пропуст и ако ги послушаме граѓаните успехот е загарантиран и за граѓаните и за нас. И затоа ви честитам и на вас и на вашата упорност. Би сакал да ви кажам дека вратите на оваа институција ќе останат отворени за сите ваши проблеми и за се она што ви треба и како населба, и како општина и секако како граѓани на целата држава, рече Маричиќ.
Владата вчера соопшти дека на седница донела одлука за стопирање на изградбата на Прифатниот центар за странци во Бардовци и негово преместување на локација надвор од населено место.
Ова, како што беше објавено, доаѓа како одговор на барањето на граѓаните од Бардовци и Волково кои со месеци протестираа против изградбата на центарот.