Маричиќ од Брисел: Имаме солидна основа на подготвеност, важно е да ја одржиме динамиката на процесот на преговори

Од:

Денеска во Брисел се одржува вториот состанок од билатералниот скрининг за Поглавјето 24, „Правда, слобода и безбедност“, на кој заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, рече дека Северна Македонија има добра основа и добра подготвеност, но сега мора да покажеме континуитет во реализацијата на критериумите за членство во ЕУ.

– Ова поглавје е основа за демократскиот развој на македонското општество од кое ќе зависи динамиката на целиот преговарачки процес. Се работи за обемни и комплекси теми кои ќе бараат повеќе напор и поголема заложба за усогласување со европското законодавство и имплементација, за час поскоро да бидеме дел од европскиот безбедносен систем, посочи Маричиќ.

Интегрален текст од изјавата на вицепремиерот Маричиќ од Брисел:

„Денес сме на вториот ден на скринингот од Поглавјето 24, Правда, слобода и безбедност. Многу важно поглавје коешто се отвора на почетокот на преговорите, заедно со Поглавјето 23, кое исто е отворено до крајот на преговорите.

Денес на дневен ред се презентациите на нашиот тим – за азил, визи и миграции. Она што можеме да го кажеме и да изразиме задоволство е дека и од Европската Комисија и од нашиот тим е констатирано дека има висок степен на усогласеност во оваа област.

Сите оние постапки што со години ги правиме и особено по визната либерализација влијаат на тоа да сме високо усогласени со правото на Европската Унија во оваа област.

Вчера ги дискутиравме и прашањата на борба против организиран криминал и корупција и целиот систем на борба против организиран криминал и корупција, и таму ги презентиравме нашите достигнувања, но исто така и разговаравме за она што допрва ни следи и имаме многу работа во сите области. Имаме многу направено, но имаме уште повеќе пред нас за да работиме.

Тоа само нè мотивира, заедно со сите делови на општеството, да ги впрегнеме заедничките сили и што побрзо да ги исполниме условите коишто ќе ни ги постават по овој скрининг за да имаме успешен, краток и брз процес на пристапување во Европската Унија“.

Ова е втор ден од билатералниот скрининг за Поглавје 24, „Правда, слобода и безбедност“, на кој македонскиот преговарачки тим ја презентира усогласеноста со ЕУ стандардите и активностите кои ги преземаме во областите: Азил, миграција и визната политика на ЕУ.

Утре македонскиот тим продолжува со презентирање на сите преземени активности и нивно спроведување во ова поглавје, кое е поделено на 12 подобласти: азил, миграција, визи, надворешни граници и правото на Шенген, борба против организираниот криминал, соработка во областа на дроги, борба против трговија со луѓе, борба против тероризам и радикализам, судска соработка и размена на информации, судска соработка во кривичната материја, полициска соработка и царинска соработка.

Би можело да ве интересира

Маричиќ од Валандово: Членство во ЕУ за повеќе пари преку европските фондови

Маричиќ од Гевгелија: Инвестирани 813 милиони евра преку ИПА, интеграцијата во ЕУ носи повеќе за сите!

ПГ на СДСМ: Недозволиво е да се злоупотребува и блокира собраниската говорница за изнесување лаги

Пренџов: Примитивецот Маричиќ е срам за машкиот пол, барам премиерот веднаш да го разреши

A1on

Маричиќ: Спомен собата на првиот македонски претседател Глигоров претставува значајно политичко наследство

Маричиќ: Македонското Собрание ќе ги помести напред преговорите со ЕУ

Горан Наумовски