Да се пишува за меѓуетничките односи во Република Македонија, па и да се анализира моменталната состојба, ниту би се кажало нешто ново, ниту би било нешто посебно. Едноставно и на просечно интелегентен му е повеќе од јасно дека работите околу ваквите нешта, најблаго кажано не се движат во насока во која би ги посакал секој добронамерен граѓанин, или како што обично се вели, за повозрасните, домаќин човек!
Каде сме ние помладите тука, генерацијата на која и припаѓам, односно сите оние кои се исправени пред предизвикот да ги разрешуваат своите животни прашања (завршување на формалното образование, вработување, семејство…). Како тоа ние размислуваме, притиснати со реалната неизвесност за ваквите суштински животни прашања? А во таа и таква реална неизвесност се наоѓаат не помалку од 4/5 од мојата генерација!
Дозволете да изнесам сопствена размисла, онака како што се чувствувам и како ги гледам нештата. Грешела или не, па веројатно и нема да ми се земе за посебно зло и да грешам во нешто. Во години сум во кои имам право да го проширувам и да го зголемувам сопствениот светоглед, да се менувам, да се корегирам… Поттикот за едно вакво пишување е што токму ние, под својата 30-та, а посебно оние помладите, под својата 20-та годишна возраст, сме подложни на погрешна перцепција за настани кои се можеби и од чисто манипулативна “квази” политичка природа!
Да се анализира меѓуетничкиот соживот во Република Македонија, неговата моментална состојба, а да не се навлезе нешто подлабоко во поблиското, но и во она малку подалечно блиско минато – би направила фундаментална грешка во самите мои размисли и би била подложна за некој “суптилен” настан, да не ја согледам правата, онаа затскриена агенда на настанот! Тоа е така зошто тие и такви настан во својата основа се неприродни за Македонија, за со децении наназад воспоставената традиција! Меѓуверската толеранцијата и меѓусебната почит во таа насока е нешто толку нормално за ова поднебје, буквално всадено во кодот на генерации и генерации на наши претходници и толку природно, како што природно во Преспа виреат не банани, туку јаболка!?
Соживотот, верската толеранција се учи таму на сокакот, низ чаршијата! Така било, така и ќе биде или.., нема да не биде! Тие и такви различности на етничко-религиозна припадност, а во духот на веќе воспоставените традиционални вредности на ова поднебје се суштинска обврска за актуелната влада; да ги негува, надградува таквите вредности! Но.., разно – разните конкретни настани (дење гради, ноќе руши црква), или понудени законски решенија (пример, законот за бранителите), недвосмислено укажува дека самата влада е носител на негативните тенденции!
Основно правило, за да имаме разбирачка г-ѓо Теута Арифи, а читајќи ги на времето Вашите колумни во “Дневник” е., секој да тргне од својот двор, да ги согледа најпрво недостатоците во самиот себе си, на тие околу себе (на кои ете припаѓа) па.., е натаму, ако треба и до ѕвездите!
Од каде таа и таква вулгарност кон српската химна (народ и култура) на последниот фудбалски натпревар! Кој ли тоа беше на трибините на “нашиот” Филип II? Нека не ве буни моето презиме, оти ниту сум над, ама не дозволувам да бидам ниту под било која Македонка!? Ниту некому ќе дозволам да ми каже (а може да ми докаже) дека повеќе од мене ја сака мојата Македонија! Презимето, потеклото.., да кинеско ми е и точка. Околу тоа нема полемика со мене, а околу моите погледи, ставови до сабајле и повеќе…
Различностите, аман бре луѓе па тоа е она убавото во оваа наша убава и преубава Македонија. Таа различност е наша и ни припаѓа на сите нас, на тие што живееме овде, сме се родиле овде, ама и не гледаме а и не сакаме (ако не сме приморани), да ги напуштиме падините на Шара, Беласица и да продолжиме некаде долж падините на Алпите, Апалачите или незнам каде!
Како политиколог не ми е јасно па дури и не ми е логично, како тоа повеќе да е загрижена опозицијата (ДПА, ВМРО-НП) од власта (ДУИ, ДПМНЕ) за тоа што ни се случува на планот на меѓуетничките односи? Вие од власта како да си поигрувате, некако сте несериозни (неодговорни) и ги иницирате, во што не сакам да верувам, ама очигледно не ги решавате, туку напротив ги подгревате недоразбирањата на меѓуетнички, а во последно време и на меѓуконфесионален план! Во вас, а не во опозицијата се механизмите на моќта! Си играте со опасна, недозволиво опасна игра бидејќи бељата може да биде голема а.., невини тогаш нема! Само едно да си знаете и да размислите убаво; први на листата на страдањето ќе бидете токму вие! Многу нешта за годините
М-р. Сања Ристиќ