За целосна дигитална трансформација, и доближување на Македонија до Европската Унија, потребни се не само силни институции, туку и силен приватен сектор, силни компании кои заедно со нас ќе работат на ова поле.
Тоа го истакнал министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на отворањето на панелот „Што ќе донесе дигиталната трансформација во секојдневието на бизнисот“, во рамки на „Самитот на малите земји- нови трендови во бизнисот“, што се одржува денеска во Скопје, соопшти Министерството за информатичко општетсво и администрација (МИОА).
Манчевски се осврнал на дигиталната трансформација, на којашто во моментно работи МИОА, со поддршка од бизнис заедницата, регионот и Европската Комисија.
Во креирање на тековни активности, но и идни планови на МИОА, посочил Манчевски, активно се вклучени ИКТ компаниите.
Целта, како што укажал, е доближување на услугите до граѓаните и целосна дигитализација на процесите и услугите.
– Свесни сме дека ние како Влада и вие како бизнис сектор мораме да се фокусираме на граѓаните. Со цел да ја постигнеме целосна дигиталната трансформација ние во моментов работиме на повеќе проекти од оваа област како што се: е-услуги за граѓаните, креирање на национален портал, портал за отворени податоци, отворање на технолошки парк, стратегија за широкопојасен интернет…“, рекол министерот Манчевски.
Дигитализацијата и реформите во ИКТ сферата во Западен Балкан моментно е еден од приоритетите на Европската Комисија. Со воспоставување единствен дигитален пазар од сите WB6 земји се очекува да се придонесе за развој на дигиталното општество, но и за економски раст во регионот, зголемување на иновациите, системски реформи во администрацијата и институциите. Тоа ќе придонесе и до зголемување и подобрување на квалитет на животот на граѓаните во сите сфери, истакнал Манчевски.