Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, оствари средба со петте најдобри студенти во областа на Информатички технологии и Телекомуникации, кои беа во студиска посета на Кина.
Посетата е дел од програмата „Семиња за иднината“, во реализација на Хуавеи, а со поддршка од МИОА.
На средбата студентите зборуваа за искуството во Кина каде имаа уникатна можност за практична работа, да бидат сведоци во демонстрација на најнова ИКТ технологија и да учествуваат во работилници каде што се сретнаа со високи извршни директори и експерти од Хуавеи.
Поради недостатокот на ИКТ кадри како и стремежот на МИОА кон градење на дигитално општество и подобрување на квалитетот на животот, на средбата со Жоу Џиадонг, генералниот менаџер на Хуавеи, министерот Манчевски разговараше за идејата за Национална програма за развивање на ИКТ кадри, како дел од програмата на Владата, „Младинска гаранција”.
Оваа програма има за цел обезбедување на услови за стекнување на практични вештини за младите откако ќе го завршат образованието.
Исто така, министерот Манчевски пред студентите го презентираше и проектот за изградба на Технолошки парк, како бизнис акцелератор, каде ќе има простор за студентите и младите луѓе да истражуваат и да реализираат нови идеи.
Со цел намалување на јазот на знаењето и промовирање на индустрискиот развој, министерот Манчевски изрази подготвеност да ја поддржи програмата „Семиња за иднината“, и во следната година.