Министерот за информатичко општество и јавна администрација Дамјан Манчевски апелира пандемијата со Корона вирусот да биде оставена надвор од политичките пресметки. Поделбите, лажните вести и ширењето на паника, вели, е само на наша штета.
-Никој нема да добие ништо од тоа. Нашата борба е со вирусот КОВИД-19 и само со почитување на мерките можеме да ги намалиме бројките на позитивни независно во која институција работат. Корона вирусот не ги бира луѓето по тоа дали работат во јавната администрација или се во приватен сектор. Во новото нормално за кое се подготвува целиот свет, мора да бидеме подготвени дека вирусот ќе го има околу нас. Наша обврска е да се заштитиме себеси и своите најблиски со почитување на мерките на здравствените работници кои се еднакви секаде, вели Манчевски, во реакцијата на Фејсбук статусот на дополнителната заменичка Невенка Стаменковска Стојковски во однос на заболените со КОВИД-19 во државните институции.
Но, очигледно, додава тој, дополнителната заменичка министерка Невенка Стаменковска Стојковски продолжува да го користи вирусот за политички цели и да набројува институции со цел ширење на паника и надеж за добивање на политички поени.
-Кога веќе споменува во кои институции работат дел од позитивните случаи, се прашувам зошто заборава да го спомене МВР. И таму во повеќе наврати дел од вработените беа тестирани позитивни, помеѓу кои и советникот на техничкиот министер. Или оваа информација не им оди во прилог во матрицата на поделби што сакаат да ја наметнат во јавниот сектор, посочува Манчевски.