Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и директорот на Светска Банка за Македонија и Косово, Марко Мантованели, денеска одржаа прес-конференција.
Тие го претставија Извештајот за проценка на зрелоста на капацитетите за сајбер безбедност во Македонија.
Проценката беше спроведена со поддршка од Светска Банка, од страна на експерти од Глобалниот центар за капацитети во областа на информатичката безбедност на универзитетот Оксфорд, преку консултативни средби со претставници на јавниот сектор и критичната национална инфраструктура, но и бизнис секторот, академскиот сектор, граѓански здруженија и интернационалната заедница.
„Следејќи ги препораките сместени во овој извештај, МИОА заедно со Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи, по консултации со сите засегнати страни подготви и Стратегија за сајбер безбедност за наредните четири години. Во моментов работната група работи на Акцискиот план, којшто треба да биде готов веќе во октомври. Националната стратегија за сајбер безбедност е развиена во согласност со Стратегијата за сајбер безбедност на Европската Унија и Политиката и Заложбата за сајбер безбедност на НАТО за обезбедување на сигурно, безбедно, доверливо и отпорно дигитално опкружување во корист на граѓаните, бизнисите и јавната администрација“, истакна министерот Манчевски, потенцирајќи ја важноста од овој процес, особено во време кога Македонија доби покана за членство во НАТО Алијансата.
„Тоа на што работи МИОА во моментов е развој и обезбедување на што поголем број на услуги кои ќе се добиваат по елктронски пат. Наша обврска е да ја гарантираме безбедноста на услугите. Дигитализацијата покрај големите придобивки со себе носи и ризици, за кои ние сме свесни, а партнерството со Светска Банка има за цел обезбедување на сите предуслови за превенирање на тие ризици. Македонија наскоро ќе го воведе електронскиот регистар на население. Граѓаните ќе имаат свој електронски идентитет. Затоа, довербата на граѓаните во функционирање на службите зависи и од безбедноста на нивните податоци и сајбер безбедноста. Затоа ние како држава, мораме да правиме се што е во наша надлежност за од една страна да ја обезбедиме приватноста на граѓаните и безбедноста на податоците, а од друга страна да обезбедиме национална безбедност. Тука мора да постои рамнотежа“, информираше министерот Манчевски.
Директорот на Светска Банка за Македонија и Косово, Марко Мантованели, се осврна на соработката со Владата на Р. Македонија и ги поздрави заложбите за инвестирање во гарантирање на сајбер безбедноста.
„Недостатоците кои извештајот ги детектира се во области каде најчесто имаат недостатоци и останатите земји каде работиме. Тоа треба да послужи како насока во кои сфери треба дополнително да се инвестира. Денеска, никој не е целосно заштитен од сајбер криминалот, и затоа треба постојано да се работи на обезбедување на сајбер безбедноста“, рече Мантованели.
Како што на крај истакна министерот Манчевски, регионалниот пристап за гарантирањето на сајбер безбедност е неопходност. Одтука, е и идејата за формирање на регионална академија за сајбер безбедност со седиште во Македонија. Македонија има капацитети и треба да биде центар за сајбер безбедност во регионот, и заедно со останатите земји членки во НАТО да се спротистави на сајбер криминалот и да биде дел од креаторите на политики за сајбер безбедност.