Манчевски: Инспекциските служби не се за полнење на Буџетот

Од:

Анализа за состојбата во инспекциските служби за подобрување на нивната ефикасност, надградба на капацитетите и знаењата на инспекторите, како и рационализација на регулативата, треба да понуди тригодишниот проект што од денеска го реализираат Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) и ИДЕАС ДеПО, со финансии од Агенцијата на САД за меѓународен развој.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски смета дека клучни слабости на инспекциските служби се преклопувањето на нивните надлежности, но и перципирањето дека треба да служат за полнење на буџетската каса, а не за подобри услуги за граѓаните.

– Се работи за неколку проблеми. Едното е преклопување на надлежностите и кога веќе имаме толкав голем број инспекторати тогаш навистина сите треба да знаат што прават и да бидат координирани од едно место. И пред се, никој не треба да ја сваќа работата на инспекциските служби како средство за полнење на Буџетот. Мислам дека тоа беше голем дел од проблемот во минатото, кога фалеа пари во Буџетот се пуштаа инспекциски служби за тој да се полни. Инспекциските служби треба да се сватат само во контекст на подобрување на работата на институциите со цел граѓаните да имаат подбри услуги, изјави Манчевски на промоцијата на проектот.

Проектот, укажа Манчевски, е еден од клучните делови во функционалната анализа на јавната администрација којашто МИОА ќе ја спроведува во следниот период. – Анализата треба да доведе до вистинските одговори за најчесто поставуваните прашања колку луѓе има, каде треба да одат и со што располагаме. Проектот е особено важен за да можеме точно да знеме во кои делови одредени инспекторати можеби се преклопуваат во своите ингеренции и каде можеме да го подобриме нивното влијание и работа, појасни Манчевски.

Тој потенцираше дека проблемите не се секогаш во инспекциските служби и оти напротив преку проектот сакаат да идентификуваат што можеме да се направиме за да се подобриме и нивните услови за работа. Важно е, наведе, што инспекторите ќе бидат вклучени во утврдувањето на слабостите на инспекциските служби. Таквиот пристап ќе придонесе не само за подобри решенија туку и за соодветни обуки на вработените во инспекциските служби, рече Манчевски.

Дејвид Атбери, претставник на УСАИД за Македонија, нагласи дека подобрувањето на инспекциските служби на македонскиот пазар ќе придонесе за унапредување на деловното опкружување и на економијата.

– Во наредните три години преку проектот со МИОА ќе се соработува во насока на рационализирање на регулаторното опкружување, зголемување на ефикасноста на инспекциските служби и натамошна надградба на знаењето и капацитетите на инспекторите. Очекуваме дека проектот ќе резултира со промовирање на раст предводен од приватниот сектор, односно до побрз економски раст во државата, изјави Атбери.

Би можело да ве интересира

Алиу: Вработувањата не се предизборни, ќе се вработат на неопределено лица кои работеле привремено

A1on

Од јануари нема да се чека согласност од Финансии за вработување во администрација

ЕСМ: Вработуваме затоа што за три години останавме без 1190 вработени

A1on

Протест на вработените во судска администрација, поддршка добија од претседателот на Судскиот совет

Предраг Петровиќ

Државната администрација брои 129.374 вработени, во Владата и министерствата работат 14.500 лица

A1on

Не се знае каде и за што се потрошени 12 милиони евра од вкупно 30 за реформи во администрацијата, утврди ревизијата

A1on