Македонско-бугарска заедничка владина седница во Ќустендил

Од:

Македонската и бугарската влада денеска во бугарскиот пограничен град Ќустендил ќе одржат заедничка седница.

На средбата од македонска страна покрај премиерот Никола Груевски ќе присуствуваат и заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, министерот за надворешни работи Никола Попоски, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.

Во составот на бугарската делегација, која ќе ја предводи премиерот Пламен Орешарски, ќе бидат и вицепремиерот Зинаида Златанова, министерот за транспорт, информатички технологии и врски Данаил Папазов и министерот за земјоделство и храна Димитар Греков.

На средбите ќе стане збор за унапредување и продлабочување на добрососедските односи, за прашања од интерес на двете земји, за европските и евроатлантските интеграции на регионот, продлабочување на економските односи, зголемување на трговската размена, за инфраструктурни проекти од регионално значење, и други прашања од заеднички интерес.

Од македонската Влада велат дека ова е позитивен чекор кон унапредувањето на добрососедските односи и продолжување на позитивната практика на одржување средби со раководствата на соседните држави и заеднички владини седници со соседните земји, како што беше седницата со српската Влада, скорешната со Бугарија во Ќустендил, а има расположение и позитивен одговор на македонските иницијативи за заеднички владини седници и од Албанија и од Косово.

– Оваа средба е во функција на продлабочување на меѓусебните односи и унапредување и развој на добрососедските односи, порака за иднина на регионот интегриран во европските и евроатланстките интеграции, и можност да се дискутира за повеќе прашања како што се зголемување на економската соработка, надминување на предизвиците, за покрупните инфраструктурни проекти од кои имаат интерес граѓаните на двете земји, за трговска размена и соработка во земјоделството и за други прашања од интерес на двете земји, во секој случај ова е позитивен соседски дијалог и соработка и позитивен исчекор за перспективите на регионот, вели во изјава за МИА владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Во рамки на седницата, ќе се одржат тет а тет средба меѓу премиерите Груевски и Орешарски, и поединечни средби на присутните членови на владите од двете страни, за потоа да се заокружи средбата со заедничка пленарна меѓувладина седница.

Би можело да ве интересира

До Владата засега не е пристигнато предлог-решение за правична застапеност, вели Митева

СДСМ: 100 дена Влада на Мицкоски, 100 дена изговори, скандали и разочарувања

„Еуроњуз“: Зошто обновените тензии со соседите ја закочија Северна Македонија во ЕУ?

Пензионерите од денеска со повисоки пензии за 2500 денари

ДУИ: Одлуката на ЕУ да ја одвои Албанија од Македонија е најголемиот неуспех за владата

Во Охрид во тек е меѓувладината седница на македонската и на унгарската влада