Македонски медиумски мрак

Од:

По извештајот на „Репортери без граници“ и падот на Мозамбик на таа листа од 66.-то место на 73.-то место, опозицијата на Мозамбик ја обвини владејачката гарнитура дека тргнале по патот на ВМРО-ДПМНЕ и дека за неколку години ќе паднат за повеќе од нови 80 места на листата. Веројатно е таква дебатата во општеството на Мозамбик.

Оваа африканска држава е земја во која има повеќе слобода за медиумите отколку во нашата „преродена“ Македонија. Зошто е тоа така можеме само да претпоставуваме; мене ми се вртат в глава неколку причини: можеби во Мозамбик не е на власт некој патриот каков што е Никола Груевски, а можеби и немаат пратеник како Илија Димовски. Можеби нивниот премиер не е во коалиција со некој нивни Sинго, а можеби и нивната државна телевизија организира дебати за слободата на медиумите, наместо половина од вестите да троши на некоја квазитрибина на квазиинститут, на која гостува некоја нивна Мирка што секогаш „свирка“ како што ќе каже премиерот. Можеби во Мозамбик немаат некој Латас кој, наместо да презентира вести, чита партиски пропаганден материјал, а може и таму не се јаде бурек на телевизија. Штом се пред нас, веројатно и криминалците не им водат разни шоуа во кои премиерот секогаш одговара на договорени прашања.

Почитувани, нашата Македонија на таа листа е дури на 116. место, а од минатата година имаме пад од 22 места. Упатените тврдат дека во овој пад за оваа година не е забележано противуставното исфрлање на новинарите од Собранието на 24 декември. Инаку, во извештајот од 2009 година, Македонија беше на 34 место, што во текот на овие години тоа е пад од цели 82 места.

Што сè требаше да направи оваа наша патриотска влада за да паднеме за цели 82 места од 2009 до денес? Јас ќе се обидам да потсетам на дел од глупостите кои се случија, а кои веројатно влијаеја на падот од 82 места. Една година „алфите“ тепаа новинари на Алсат-М (Јанкуловска и тогаш го водеше МВР), па се сеќавам дека член на обезбедувањето на ДУИ во Собранието му удри шлаканица на новинарот Лирим Дулови, се сеќавам на упадот и затворањето на А1 телевизија, најгледаната и првата независна телевизија. Велија Рамковски беше сојузник со Никола Груевски додека ДПМНЕ беше во опозиција (но и првата година на Никола Груевски како премиер), заедно ја „рушеа“ СДСМ со Бучковски.

Кога А1 почна да ја критикува владата на Груевски, тогаш премиерот им порача на граѓаните да ги земаат со резерва информациите на највлијателниот медиум, во екот на случајот на криминалот во „Сведмилк“. Се сеќавате на обвинувањето на Велија Рамковски дека Груевски со владини пари (пари на сите граѓани!) плаќал партиски реклами на ДПМНЕ? Малку по ова обвинување го уапсија човекот, оној истиот кој им помогна кога тие беа опозиција. Цврсто сум убеден дека Рамковски чува докази за тоа обвинување, но чека да дојде обвинител кој нема да биде слеп и глув при докази.

Истата таа „фора“ што јавно ја откри Рамковски можеме да ја препознаеме во други медиуми. Владините реклами на Сител и Канал 5 се толку големи колку што се вестите провладини. Некако во метежот околу последните предвремени избори, се појави дупка од 3.5 милиони евра во кампањата на ДПМНЕ! Се затвори и А2 телевизија, нејзиното затворање беше образложено со отстапки во предвидената програма, па би сакал да прашам дали Сител и Канал 5 немаат отстапки во предвидената програма? Дали телевизијата ЕДО нема отстапки во својата предвидена програма? Сте слушале ли вести на телевизија ЕДО? Е, и тие вести се провладини!

Како може дневниот весник „Фокус“ да нема ниту една државна реклама? Никола Младенов е исто така критички настроен кон секоја влада (како што би требало да биде и секој новинар кој чувствува општествена одговорност), па ете оваа некако му е лута и за неа, и за сите останати влади, но затоа „Вечер“, „Дневник“, „Нова Македонија“ немаат проблем со државните реклами. Деновиве интересна е телевизија „Алфа“, која по цензурирањето емисија на критички настроениот новинар Васко Ефтов и тргнувањето од програмата на емисијата на Нора Шаќири, која исто така беше критички настроена, неодамна од својата програма ја отстрани политичко-дебатната емисија „Вин-Вин“ чијшто автор е Оливера Трајковска, исто така критички ориентирана кон секоја владејачка гарнитура.

Односот на премиерот и министрите кон критичките настроени медиуми со години го покажува нивниот недостаток од демократски капацитет. Прво не се појавуваа во критички настроените медиуми и емисии, потоа таинствено почнаа да исчезнуваат критичките емисии од медиумите со национална концесија (нормално, од оние медиуми кои опстанаа).

До каде стигна медиумсков мрак укажува Цацко, херојот од К-15, кој во едно интервју вели дека веќе никој не смее да се рекламира кај нив, па дури и дека некој им понудил да плати реклама но да не биде рекламиран. Тоа им се случува на К-15, оние кои секогаш нè насмеваат и на хумористичен начин ги критикуваат општествените појави. На кого му пречи тоа К-15, чие его повредиле тие? К-15 ги исмејуваа и владите на Бранко, Љубчо, Бучко и никогаш немале проблеми, но ете, чудно, сега им се создадоа проблемите. Затоа, пак, продукции кои шират анти-ЕУ и анти-НАТО расположение добиваат државни пари за документарни филмови.

Да не заборавиме на МРТ, кojа се финансира од сите граѓани преку претплатата и треба да биде јавен сервис, а која се претвори во очигледно пристрасен медиум кој ги промовира политиките на власта, дури и на политичките партии што се дел од владата, а односот кон опозицијата и независните аналитичари е еднаков на односот кон нив од страна на владејачките партии.

Има уште многу да се пишува, но ми се чини дека е јасно оти поради оваа влада, поради политиките на премиерот, оној реформаторот, ние денес можеме да им завидуваме и да учиме од следниве држави: Тринидад и Тобаго (44. место), Буркина Фасо (46. место), Танзанија (70.), Замбија (72.), Лесото (81.), Габон (89.), Монголија (98.), Грузија (100.), Уганда (104.) МАКЕДОНИЈА (116. место).

Ако на оваа листа, почитувани читатели, ги додадеме скорешното второ место на листата за невработеност на младите и првото место по бедата на живеењето, јасно е дека мора да ги оставиме сите идеолошки и секакви други разлики, да се обединиме и да го тргнеме ова зло кое владее со нашата држава. Мораме сите да вложиме напор да ја направиме Македонија подобро место за живеење, а за тоа да се случи, предуслов е оваа власт да си оди.

Стечајци, социјалци, земјоделци, професори, административци, лекари, уметници, работници… сите заедно повторно да создадеме просперитетна држава. Во спротивен случај, младите школувани ќе ни одат на запад да мијат чаши по ноќни клубови, а квазипатриотите и понатаму ќе нè „реформираат“. Доста беше молк!

Џелал Хоџиќ

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска