Вработените во АД „Македонска пошта“ се жалат дека биле уценувани од страна на раководството на компанијата да потпишуваат изјави дека нема да поднесат тужби за неисплатениот регрес кој Пошта им го должи веќе неколку години наназад. Регресот кој вработените треба да го добијат како надомест за годишен одмор, според колективниот договор изнесува 13 илјади денари по година за еден вработен.
АД „Македонска пошта“ последен пат оваа обврска кон вработените ја подмирила во 2011 година, а заклучно со месец април 2017 година против АД „Македонска пошта“ биле поднесени 516 тужби од страна на вработените. Според нив, единствени виновници за неможноста на Македонски пошти да го отплати регресот на вработените е раководството и претседателите на синдикатите.
-Доколку не би се делеле парични награди и прекувремени саати по управи, раководители и синдикалисти, пари за исплата на регресот на вработените ќе имаше, вели вработен за А1он.
Досега, по однос на 156 тужби, Пошта исплатила 10 милиони 275 илјади денари од кои 4 милиони 156 илјади денари или над 40 отсто за адвокатски и судски трошоци. Во писмото кое генералниот директор на АД „Македонска пошта“, Фадис Реџепи го испратил до вработените се вели дека тие веднаш мора да престанат со тужбите за неисплатениот регрес бидејќи трошокот на Пошта по основ на овие тужби ќе го надмине износот на месечната бруто плата што би значело тотален финансиски колапс на фирмата.
„Оваа тенденција сериозно ја загрозува финансиската стабилност на Компанијата со рефлексија за неможност за навремена исплата на платите за вработените, обврските кон добавувачите и инвестирање во нови технологии и опрема за понатамошен развој. Ве повикуваме јавно да ја прифатите понудата на раководството на Пошта дадена во соработка со двете синдикални организации, за доброто на Пошта и сите вас“, се вели во писмото упатено до вработените од страна на раководството и синдикатите на Пошта.
Сега, Генералниот директор, Фадис Реџепи, претседателот на Синдикална организација на Македонија, Марјан Вета и претседателот на Синдикатот на македонска пошта, Боро Велигденов се обидуваат со 6.000 илјади денари или само 50 отсто од вкупната сума од регресот за 2017 година да ги убедат вработените да не ја тужат компанијата за неисплатениот регрес во изминатите 6 години.
Виктор Јованов