Молебен на гробот на Свети Кирил во базиликата „Сан Клементе“ се одржa утрово во Рим, како централен настан во рамки на чествувањето на Денот на просветителите Кирил и Методиј. Со службата чиноначалствуваше митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар. Македонската државна и црковна делегација, годинава ја предводи претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, кој синоќа ја отвори манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“, јави известувачот на МИА.
Ова е прва македонска делагација која ќе биде примена од папата Франциск по неговото назначување. Претседателот на Собранието Вељаноски и собраниската делегација ќе се сретнат со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Тарчисио Бертоне.
Актерот Петар Темелковски вечер ќе ја изведе монодрамата „Јустинијан I“, по текст на Јордан Плевнеш.
Во состав на македонската делегација се и заменик-министерот за надворешни работи Зоран Петров, заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ, потпретседателката на Собранието Сузана Салиу и пратениците Александар Спасеновски и Андреј Петров, митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар и свештениците од Скопската бискупија на Католичката црква, свештеникот Зоран Стојанов и Марјан Ристовски.
Поклонението на гробот на Свети Кирил во Рим е централниот настан во чествувањето на Денот на просветителите Кирил и Методиј. Првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на Свети Кирил и оттогаш секоја година на 24 Мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација. Традиционално, 24 Мај беше Ден само на образовните институции и просветните работници, а од 2007 година тој е и државен празник на Република Македонија.
„Зар не паѓа дожд од Бога на сите подеднакво? Или Сонцето не свети за сите, исто така? Зар не го дишеме воздухот сите еднакво? Како тогаш не се срамите да признаете само три јазика, а за сите други народи и племиња сакате да бидат слепи и глуви? Дали Господ го сметате толку бессилен тоа да не може да го даде или завидлив па тоа да не го сака?“ Со овие зборови Константин филозоф, подоцна прославен со калуѓерското име Кирил, во 9. век го бранел словенскиот јазик пред т.н. тријазичници кои тврделе дека само латинскиот и грчкиот и еврејскиот се свети јазици со кои може да се богослужи. Го обвинувале за ерес зашто го вовел словенскиот јазик меѓу привилегираните, кои тој статус го заслужиле зашто биле испишани на крстот на Исус.
Годинава се одбележуваат 1144. години од смртта на сесловенскиот просветител Свети Кирил.