Во Република Македонија има над 40.000 социјално загрозени семејства, во кои ниту еден член на семејството не е во работен однос. Логично прашање се наметнува како овие семејства преживуваат во ова наше општество, каде секој ден е се поскап за преживување.
Едно четиричлено социјално загрозено семејство од државата како социјална помош прима околу 2.500 денари, плус околу 600. денари ако во социјалните служби однесат потврда за навремено платена сметка за струја. Со овие средства едно такво семејство треба да ги задоволи основните потреби во цел еден месец.
Ако тие 2.500 денари ги поделиме на 30 дена ќе дојдеме до податокот дека дека едно четиричлено социјално загрозено семејство, троши дневно 83.3 денари. Замислете го тоа, сите дневни потреби на едно семејство со четири члена да се задоволат со 83.3 денари!
Можете ли да замислите како изгледа нивниот ден? Ако пак тие 83.3 денари ги поделиме на еднакво на сите четири члена во семејството, тогаш ќе видиме дека еден член во едно социјално загрозено семејство може да потроши само 20.9 денари дневно! Како да ги задоволите основните дневни потреби со 21. денар на ден?
Го прашал ли некој новинар министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски дали е доволно 21 денар дневно за еден човек да преживее? Јас мислам дека и премиерот Никола Груевски како економист добро би израчунал како да се преживее еден ден со 21. денар.
Секако дека на ова прашање одговор добар би дале и министерот за финансии Ставревски и министерот за економија Сарачини. Но прво би требало да се најде јунак за да им го постави ова прашање, нормално со уклучена камера.
На сето ова, на овие семејства секој месец им пристигнуваат сметки за струја и вода кои не се во состојба да ги платат. Тие 600 или 700 денари не се доволни за една сметка за струја, посебно не во зима кога просечна сметка за струја на едно четиричлено семејство е над 3.000 денари. Само сметката за струја во зима е поголема од социјалната помош.
Ако овие семејства не си ги платат сметките тогаш извршителите ги наплаќаат нивните долгови за струја и вода. Парадоксот не завршува тука. Едно социјално загрозено семејство за да си го оствари правото на социјална помош треба да извади еден куп документи со кои би аплицирале во социјалните служби.
Се претпоставува дека во тој процес семејствата трошат над 3.000 денари за превоз и административни такси.
Од сето ова лесно е да се заклучи дека над 160.000 луѓе во Република Македонија преживуваат социјална неправда. Ниту тие самите не знаат како го проаѓаат денот, неделата, месецот, годината.
Владата, Министерството за финансии, Министерството за труд и социјална политика и другите државни институции можат да ја намалат социјалната неправда доколку имаат политичка желба за тоа. Се што треба да направат е да државата превземе обврска да ги плаќа сметките за струја и вода на секое социјално загрозено семејство.
Државните институции да се откажат од аминистративните такси за социјално загрозените семејства. Превозот во градскиот сообраќај и за нив да биде бесплатен, не само за пензионерите. Ова Владата и нејзиниот буџет, кој го полнат од нас граѓаните, би ја чинело околу 38. милиони евра годишно.
Овие средства Владата може да ги обезбеди со кратење на непродуктивните трошоци како што се споменици, реклами и други такви слични трошоци. Се што треба да направи Владата е да има политичка воља. Нека нашата Влада ја земе за пример Владата на Србија, која до крајот на годината ќе ги превземе плаќањата на сметките за струја на најсиромашните граѓани.
Срамота е граѓаните да ја потсетуваат Владата дека според Уставот на Р.Македнија, ние сме социјална држава, а во пракса ние сме земја на социјална неправда.
Џелал Хоџиќ