Република Македонија е држава во која не функционираат многу нешта. Доколку навистина сакаме државата да биде онаква каква што, барем декларативно, сите сакаме да биде, тогаш ќе мораме да ја рестартираме државата, ќе треба да почнеме од почеток. Уште на почетокот да си кажам: отсекогаш ја мразев таа приказна дека со секое менување на власта мора да има нов почеток, но денеска сум убеден дека следната власт ќе мора тоа да го направи, дури и со надеж дека нема да биде предоцна.
Во оваа држава, каква што е денес, не функционираат: поделбата на власта на извршна, законодавна и судска власт, правната држава, државните институции, здравстевниот систем, социјалната заштита, образовниот систем. Единствено што функционира е организираниот криминал, корупцијата, политичките партии како мафијашки кланови и државните институции во служба на интересите на партиите од власта. Поради ваквата ситуација, државата тоне сè подлабоко, општеството е во сè поголема криза, а поради ваквата состојба и на секој чесен човек му е полесно да отиде во развиените земји и таму да си го пронајде животот отколку да остане во земјата во која се родил, растел и се образувал.
Поделбата на власта е на судска, законодавна и извршна. Судската власт мора да биде независна за да функционира правната држава, а за жал, не е! Притисоците од страна на извршната власт се огромни, довербата во судовите е изгубена. Со ова и довербата во правната држава е изгубена. Законодавната власт (Собранието) треба да ја контролира извршната власт (Владата), но со случките од 24 декември на сите ни стана јасно дека извршната власт со своите инструменти (полицијата) изврши упад во законодовната власт. Хипотетичко прашање: Ако денес се одржат регуларни избори и на нив победи опозицијата, кој може да нè убеди дека новите пратеници нема да бидат исфрлени од Собранието? Кој може да нè убеди во мирно предавање на власта, во согласност со постојните закони? Поделбата на власта во оваа држава мора да профункционира, а сè дотогаш, ние ќе бидеме партиска држава, држава на партијата која ја контролира извршната, а со тоа и законодавната и судската власт.
На сите ни е јасно дека правната држава не функционира. Дури и децата во училиштата се смеат на приказната во која јавниот обвинител е на некаков бал на иста маса со Мијалков, Груевски и Амди Бајрам. Дали жената која, на локалните избори, е фатена во општина Аеродром со гласачки ливчиња во својата чанта ќе сноси одговорност или полицијата и судството ќе потфрлат во својата работа, убеден сум дека зависи од тоа дали е таа жена членка на ДПМНЕ или не!
Политичките партии функционираат како мафијашки кланови. Тендерите и моќта од користа на државните институции се мотивот на сите партии. Борбата за власт е борба за големите лични интереси на водечките групи во партиите, па потоа доаѓаат помалите интереси и оние на членовите на партиите. Значи, партиските интереси се интереси на луѓето во врвот на партијата. Државните интереси не им се приоритетот, тие се остваруваат само доколку не им пречат на партиските интереси. За луѓето – баш им е гајле!
Државните институции и администрацијата се во служба на интересите на партиите од власта. Партизираноста и корупцијата се нивните главни својства. Можете со некаква постапка да ги кршите сите закони во земјата, но ако со таа постапка одработувате за владејачките партии, можете дури и да очекувате сојузник во институцијата МВР. Адмнистрацијата е исто така партизирана, неуслужна и спора. Без разлика дали вадите извод или пасош, дали се пријавувате во Заводот за вработување или барате сини картони, шалтерите во овие институции се голгота за секој оној кој нема некој свој човек преку кого ќе си ги среди документите.
Во овие 23 години, јавното здравство никогаш не било во полоша состојба. Не дајбоже човек да се разболи. Не знам дали им е полошо на пациентите или на лекарите. Некогаш има апсурдни ситуации во кои пациентите го тешат персоналот во болниците додека се лекувани од него! Оние што имале искуство со болниците оваа зима знаат дека и греењето во болниците било исклучувано по неколку часа во текот на денот! Како минува времето, здравствените услуги што им се нудат на пациентите се сè полоши и полоши, но затоа бизнисот на приватните болници е сè поголем и поголем.
Социјалната заштита е најголемиот показател за парадоксалната ситуација во државата. Социјалната помош е помала дури и од сметките за струја и за вода. Примателите на таквата помош, некаде околу 42.000 семејства, ниту математички не можат од неа да си ги платат само сметките. А треба ли тие луѓе да јадат во текот на денот? Ако се одлучат да ги потрошат парите на храна, а мораат за да преживеат, тогаш за неплатените сметки им се праќаат извршители! А ние, демек, според Уставот, да сме ти биле социјална држава. Околу 42.000 семејства секојдневно преживуваат со помалку од 100 денари за ден.
Образовниот систем никогаш не произведувал послаби ученици и студенти. Во трката за квантитет на дипломирани студенти, тие во огромен процент излегуваат со слаб квалитет на образованието. Дали на нашето општество му се потребни луѓе кои се квалитетно образовани или му требаат луѓе кои имаат само хартија дека се дипломирани? Потоа, условите во основните и средните училишта се катастрофални, посебно во руралните средини. Знам дека звучи ненормално, но дел од училиштата во 21. век немаат вода за пиење. Во други училишта не функционираат тоалетите, а и хигиената во училниците и по ходниците честопати е на мизерно ниво. Во други, пак, училишта, столчињата, клупите, катедрите, таблите не се во функционална состојба. Можеме да најдеме училишта кои прокиснуваат ,а кога врне, децата, освен на наставата, треба да внимаваат и да не накиснат. Во такви услови нема настава ниту во основните, ниту во средните училишта. Дел од приватните факултети се исто така приказна во која корупцијата има свое место.
Доколку сето ова функционираше онака како што е замислено да функционира во нормална држава, ниту државата ќе беше во ваква состојба, ниту народот ќе беше на ова дереџе. Она што ми е мене интересно е дека целата оваа нефункционалност е во еден затворен круг. За да се искорени корупцијата и криминалот од институциите, треба да профункционира правната држава; за тоа е потребно да профункционира поделбата на власта; за ова, пак, е потребно да се искорени партизираноста на институциите, а партизираните институции се одржуваат благодарение на корупцијата и криминалот во нив. Затоа мислам дека овој круг мора да биде скршен со едно такво рестартирање на државата, па потоа така функционална, да се сочува од криминалот, корупцијата и партизираноста.
Џељо Хоџиќ