Во Република Македонија денеска се одбележува 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.
По тој повод, делегации на Собранието на Република Македонија и на Владата ќе положат цвеќе пред споменикот на основачите на ВМРО во Паркот „Жена борец“.
Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“ денеска на пладне во Собранието на Република Македонија ќе ја додели државната награда „23 Октомври“ за 2016 година за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство на Република Македонија.
Државната награда „23 Октомври“ за остварување во областа на културата и уметноста им се доделува на музичкиот уметник проф. д-Драган Даутовски, актерот Иван Петрушевски и ликовниот уметник Реџаи Исени.
За остварување во областа на науката и образованието, годинашни добитници се Стефан Влахов, историчар и филозоф и Агим Пољоска, албанолог.
На 23 октомври 1893 година во куќата на Иван Хаџи Николов во Солун, Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Антон Димитров и Христо Ботанџиев беше формиран Македонскиот револуционерен комитет од кој подоцна произлезе Внатрешно Македонската Револуцонерна Организација (ВМРО) или Внатрешно Македонско-Одринска Револуционерна Организација (ВМОРО). Организацијата се бореше за ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош од надвор.
Формирањето на ВМРО значеше почеток на организираното македонско револуционерно движење кое преку Илинден 1903 и Крушевската република, преку НОВ резултира со создавање модерна самостојна македонска држава.
По повод празникот синоќа во Македонската опера и балет се одржа свечена академија на која се обрати премиерот Емил Димитриев.