ВИДЕО: Македонија, Белгија и Холандија во заедничка акција – уапсени 18 лица кои имале диви плантажи за канабис

Од:

Во координирана акција на властите од Македонија, Белгија и Холандија, уапсени се 18 лица кои имале нелегална плантажа за канабис во Белгија, а голем дел од нив се со македонско државјанство, информираат од Јавното обвинителство.

„Постапувајќи по барање за меѓународна правна помош под раководство на предметен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денес од раните утрински часови се спроведуваше кооординирана акција на шест локации на територијата на Скопје при што се лишени од слобода две лица. Во исто време се спроведени и акции во Белгија и Холандија од тамошните истражни органи.

Предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против двете лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Перење пари и други приноси од казниво дело.

Според добиеното Барање за меѓународна правна помош, под раководство на белгиски истражен судија се спроведува истрага за криминална организација која меѓудругото се занимава и со неовластено одгледување на канабис и продажба на наркотична дрога. Од дејствијата на Истражниот судија и Федералната судска полиција на Западна Фландрија, утврдено е дека поголемиот дел од членовите на организираната криминална група се македонски државјани или потекнуваат од нашата држава, а останатите се од Холандија, Бугарија и белгиски државјани.

Групата на неколку плантажи во Белгија неовластено одгледувала канабис од 1 јануари 2020 година, а можеби и порано. Секој член на криминалната група имал своја улога во криминалната организација (оддржување на насадите на плантажите, продажба, транспорт, оддржување на локацијата за одгледување на марихуаната, плаќање на сметки за комунални услуги со лажни патни исправи итн). Осомничените македонски државјани периодично биле на релација Белгија и Холандија – Република Северна Македонија со оглед дека во матичната земја имаат оформено свои семејства. Воедно, тамошната истрага утврдила дека осомничените дел од парите стекнати со кривично дело ги носат во РС Македонија, а со дел купуваат недвижен имот на Белгискиот пазар на недвижности.

Во акцијата се запленети парични средства, оружје, возила и златен накит, како и докази од трансакции на големи суми на пари на банкарски сметки , притоа од слобода се лишени две лица кои ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје. Ценејќи дека постојат околности што укажуваат на постоење на опасност осомничените да се дадат во бегство, да се сокријат, како и да ги уништат трагите од кривичното дело, да влијаат врз сведоци или да го повторат делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка ќе достави Предлог за определување на мерка притвор за осомничените. Воедно, обвинителството ќе побара и привремено замрзнување на имотот на осомничените лица.

Во исто време во акцијата во Белгија од слобода се лишени 11 лица и е извршен претрес на 20 локации, а во Холандија при претрес на пет локации биле уапсени пет лица. Меѓу уапсените лица во Белгија и Холандија има и македонски државјани“, велат од Обвинителството.

Би можело да ве интересира

МВР: Се истепале вработени во здравствена установа во Скопје

Уште се чека за пасош со месеци, постапката забрзана ама само за оние што имаат да платат 100 евра

МВР: Скопјанка нападнала новинар, но и полициски службеник

Тошковски: Управниот суд донесе пресуди со кои поништи три незаконски одлуки на Владата

Орце Костов

Убиениот лекар бил матичен од Железара – се прегледува видеонадзорот за да се најде убиецот

Анита Петровска Рајковиќ

Приведена тетовка барана со потерница