Во симболична акција денеска во Алејата на споменот и иднината во Кочани беа засадени лалиња во чест на 63 жртви од трагедијата во дискотеката „Пулс“.
Во акцијата учествуваа семејствата на загинатите, членови на Здружението на граѓани „16-ти Март 2025 – Кочани“, холандската амбасадорка Узлем Џанел и претставници на Амбасадата на Кралството Холандија.
Семејствата разговараа со амбасадорката за нивните барања и можностите за обезбедување дополнителна поддршка, со посебен акцент на изградбата на спомен-обележјето „Патека на бесконечноста за 63-те ангели“.
Од Здружението предложија во иницијативата да бидат вклучени и евроамбасадорот Михалис Рокас и претставници на други дипломатски мисии во земјава.
„Нека секое расцветано лале биде потсетник на животите што никогаш нема да ги заборавиме и на љубовта што никогаш нема да згасне“, порачаа од Здружението „16-ти Март 2025 – Кочани“.
