Дали ова ќе бидат досега најнеизвесни избори од кога се занимаваме со политички одмерувања на силите? Предвидувањата се дијаметрално спротивни, барем според партиските штабови. Тоа се должи на неколку фактори.
Прво, ниту една анкета ниту еден рејтинг од посериозен калибар не се прошета во јавноста во предизборието. Тоа значи дека политичките партии или не се задоволни од добиените рејтинзи (кои секако дека ги имаат) или калкулираат и не сакаат да ги откријат картите наспроти политичкиот непријател.
Второ, самите партиски лидери ја вжештија атмосферата со ставање на облог, според кој, тој што ќе има ЕДЕН ГЛАС ПОВЕЌЕ на советничките листи тој ќе биде победник. Ова е фрлена ракавица пред јавноста, затоа што значењето на тој еден глас е огромно.
Трето, во Македонија победникот зема се, буквално се. Во наредните неколку години тој ќе може да вработува, да тендерира, да има разно-разни привилегии а со тоа и голема моќ. Тогаш престанува политичкиот дијалог, са штанцаат закони, се злоупотребуваат ресурси, се владее арогантно и корумпирано. Се разбира согласно „стилот и идеологијата“ на партијата.
Во игра се само стратегиите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи се друго е политичка рециклажа! ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да ја продолжи успешната серија на изборни победи. СДСМ ќе се обиде да го артикулира незадоволството од владеењето на Никола Груевски и ќе се обиде по подолг период да оствари победа. Кај албанските партии ситуацијата е чиста и покрај политичките боцкања. ДУИ суверено ги остварува албанските интереси во Македонија.
За иднината на Република Македонија е од извонредна важност какви избори ќе имаме? И кој ќе победи? И како ќе победи? И како ќе се однесуваат медиумите? Ете, се е важно! Затоа е зајакнат и мониторингот од страна на „меѓународниците“ преводени од тешкашот Герд Аренс.
Со оглед на предизборните турбуленции и настани, може со сигурност да кажеме дека овие избори ќе бидат со голема ЖЕСТОКОСТ, НЕПРИЈАТЕЛСТВО, со зголемена НЕГАТИВНА ПРОПАГАНДА, но и со многу ИЗБОРНИ МАНИПУЛАЦИИ, видливи или невидливи. Очекувам најлоши избори досега, затоа што голем дел од политичките кандидати се со ниска демократска свест, со улична политичка култура и се само делови од забрефтаните партиски машинерии. Нема личности, има само подмачкани џагернаути. Секако, главни актери според изложеното повторно ќе бидат партиите а не граѓаните. За жал!
Граѓаните во Република Македонија се главно статисти и за време на изборите и помеѓу изборите! Повторно за жал! Се надевам дека тоа на овие избори ќе почне да се менува. Но, затоа треба да се гласа за најдобрите кандидати! Уште нешто, од овие избори, од тој еден глас повеќе зависи и каде ќе пловиме во наредните неколку години – кон подобро или кон полошо.
Сакам да испратам порака до поширок круг на читатели:
Дозволивме во политиката да влезат три видови на политичари: кариеристи, алчни души и кадри со мал капацитет. Нема да одиме напред се додека вакви луѓе не водат. Затоа и вакви ни се и изборите: маалски, балкански и инаетчиски.
На 24 март не знам кој ќе победи, ама гледајќи неколку години наназад знам кој веќе изгуби… СИТЕ НИЕ…
Редовен професор по социологија и комуникации