Либералната партија денеска преку соопштение реагира на изјавите и иницијативите на невладини организации и групи, како СМК и „Македонски манифест“ и нивните повици за прекин на преговорите околу спорот за името, како и оние по повод стогодишнината од Букурешкиот Договор и бара од Владата да се огради од нив.
Како што велат од партијата, со оглед оти некои од овие организации биле или се предмет на буџетска поддршка, молкот на власта ќе значи дека таа и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, како и нивните коалициони партнери се премолчани партнери и поддржувачи на тие активности. Според ЛП, ваквиот впечаток може да ги влоши преговарачките позиции на Македонија во спорот и да создаде атмосфера на владино покровителство за надворешно-политички авантуризам, што може да предизвика долгорочни последици по внатрешната стабилност.
Партијата потсетува и на како што велат, обврската за придржување кон меѓународните документи што Македонија ги потпишала, како и на принципот на непроменливост на границите гарантиран токму со меѓународните организации и документите кон кои има пристапено и врз основа на кои државата ја оствари независноста.