Ситуацијата во Прилеп со ковид-пандемијата е алармантна и крајно загрижувачка, оцени денеска Кризниот штаб, откако петмина жители на градот во изминатите 24 часа починаа од Ковид-19.
Локалниот штаб бара заострување на мерките: од утре полицискиот час да почнува од 19 часот, како и скратен и редуциран јавен превоз. Од граѓаните се бара голема совесност и одговорност.
Според градоначалникот Илија Јованоски, Прилеп цел месец е втор град со новозаразени, по Скопје. Граѓаните се неодговорни, се групираат, а голем број ги кријат контактите.
-Од тие причини, Општинскиот кризен штаб бара од Главниот кризен штаб, од Владата и Комисијата за заразни болести, заострување на мерките кои ќе се однесуваат на целата територија на општина Прилеп. Полицискиот час, кој сега започнува во 22 часот и трае до 5 часот изутрина, да започнува во 19 часот и да трае до 05:00 наутро. Ваквата мерка да трае наредните две до три недели, затоа што во тој период очекуваме овој таканаречен трет бран на пандемијата да го достигне својот пик, изјави Јовановски.
Дополнително, Општинскиот кризен штаб донесе заклучок со кој се редуцира јавниот превоз. Од утре, автобусите на јавниот превоз ќе собраќаат до 18 часот и во помал број. На влезовите на Градскиот пазар ќе бидат поставени ковид-штандови и на секој граѓанин кој влегува во пазарот ќе му бидат дезинфицирани рацете и доколку не носи заштита маска нема да му биде дозволен влезот. Со асистенција на волонтери и полицијата, ќе бидат засилени контролите за да се спречат групирања во пазарот, а полицијата и Пазарната инспекција ќе продолжат со засилени контроли во угостителските објекти.
Во Прилеп има вкупно 804 активни случаи. Во Болницата се хоспитализирани 89 лица, од кои 77 се на кислородна поддршка. Само за едно деноноќие, за преглед на Инфективното одделение се јавиле 105 пациенти, а починале 5 лица.
Директорката на Градската болница „Борка Талески“, Кети Смилеска вели дека болницата ќе отвори петти ковид оддел, а за една недела во функција треба да биде ставена модуларната болница со 35 легла.
– Во тек е реорганизација на болницата. Покрај постојните ковид центри на Инфективното, одделенијата за уво, нос и грло, во интерното и во гинекологија, во тек е постапката да се оспособи и очното одделение како ковид центар. Се оспособува модуларната болница која ќе понуди 35 слободни кревети. До четврток ќе заврши доводот на електрична енергија, а до крајот на неделава и доводот за кисолород и се надеваме од наредниот понеделник да биде во функција за пациентите кои ќе имаат потреба од хоспитализација. Во моментов има слободни 28 легла во другите одделенија. Медицинскиот кадар максимално е ставен на располагање, но го повторувам апелот до граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита за да може колку-толку да го штедиме медицинскиот персонал кој работи на крајот на своите сили, изјави Смилеска.
Според Драгица Николоска, директорка на Центарот за јавно здравје, епидемиолошката слика во градот е тешка. Доминира британскиот сој на вирусот, бројот на новозаразени пораснал за 25 проценти, а бројките и натаму ќе растат. Дури 60 проценти од тестираните се позитивни.
– Само последната недела, од 8 до 14 март, бројот на новозаразени е 379. Ако се земе предвид дека претходната недела, од 1 до 8 март, бројот на новозаразени е 312, тоа значи дека од 20 до 25 проценти е зголемен бројот на новозаразените само за една недела. За една недела починале 14 лица, а од почетокот на пандемијата се 284. Вкупната бројка на активни случаи е 804. Британскиот сој на вирусот е сто проценти доминантен и со оглед на тоа дека е многу позаразен, се очекува зголемување на бројот на новозаразени. За жал, последните недели 60 насто од тестирањата се позитивни, вели Николоска.
Николоска најавува дека наскоро Центарот за јавно здравје ќе врши тестирања во својата лабораторија.
-Реорганизиран е просторот во микробиолошката лабараторија во Центарот за јавно здравје. Комплетно е опремена молекуларната лабораторија со опрема и кадар и би започнала со тестирање на ковид-позитивни пациенти и суспектни на Ковид. Во крајна фаза е тендерската постапка за набавка на реагенси. Инаку, за еден ден се прават од 100 до 130 тестови, не само во Центарот за јавно здравје, туку и на инфективното одделение во болницата и брзите тестови во Здравствениот дом. Штом ќе почнат да се правата тестирањата во Центарот, ќе се прават и оние за патување во странство, објаснува Николоска.
Во Прилеп најголемите апели се за совесно и одговорно почитување на мерките за заштита.