Навидум бурата се стиши, Штефан Филе замина од Скопје со успешно завршена мисија во која до завчера ретко кој веруваше. Резултатите од неговата посредничка мисија, која ја заврши во стилот на покојниот американски дипломат Ричард Холбрук, за жал, нема да траат долго, но главната цел е постигната-СДСМ да учествува на локалните избори. Исто така пратениците од опозицијата се враќаат во собраниските столчиња.
Бурните два месеца нема да завршат ниту ќе ја добијат својата кулминација на 24 март кога ќе се одржат локалните избори. 24 Март ќе биде само една епизода, а завршницата очекувам да се случи најдоцна за една година на изборите за претседател на државата, ако во меѓувреме опозицијата не ја принуди власта на предвремени избори.
На оваа тема во следната прилика, а овој пат ќе се фокусирам уште еднаш на работата на пратениците со споделување на практики кои ги применуваат пратениците во преставничкиот дом на Германија-Бундестагот.
Идиотски чудно е како нашите пратеници не умеат да применуваат барем дел од искуствата од западноевропските демократии во однос на извршувањето на функцијата.
Демократијата подразбира владеење согласно Уставот, законите и процедирите за нивно исполнување. Размислувањата во стилот „Ние победивме, ќе правиме како што сакаме“, ја покажува мизерноста на интелетуалниот капацитет за акцептирање на демократските начела на практикување власт и управување со државата од страна на голем дел од пратениците и другите државни функционери.
Како работата пратениците во Германија
Во германскиот Парламент (Бундестаг), пратениците во канцеларијата покрај работна маса, вообичаено имаат и кревет со шкаф за гардероба. Креветот им служи да се одморат во текот на работниот ден, кој вообичаено трае и до 12 часа. Еден час во рамките на работното време, телефонот на пратеникот е исклучен, персоналот што го опслужува, се грижи тој да не биде вознемирен во тој период, бидејќи вообичаено тогаш, како што велиме ние да „дремне“ малку, за да биде во подобра форма, за преостантите обврски до крајот на работниот ден.
Навидум чудно и незамисливо за наши услови. Сепак оваа практика на германските народни избраници, се покажала целисходна за поефикасно да одговорат на бројните обврски, и е прифатена како нормална и полезна. Сепак, работата на германските пратеници не е така лесна, потребно е да се прочитаат бројните предлог-закони, за да се изгради став за нивна подршка или пак да се спротивстават, потоа да ги проучат материјалите од работните тела на Бундестагот во кои членуваат.
Следат редовните средби со граѓаните од регионите каде што избрани, тука се и барања за средби од различни лоби групи, кои се дел од политичкиот живот.
Ова се дел од активностите на германските пратеници, кои ја прават нивната пратеничка функција содржајна и исполнителна.
Љубоморно го чуваат статусот преставници на граѓаните
Значајноста на пратеничката функцијата, произлегува во најголем дел од односот што самите пратениците го имаат кон неа. Пратениците љубоморно го чуваат статусот преставници на граѓаните. Тоа подразбира дека не секогаш политичките ставови во рамките на една партија се градат релаксирано. Практиката покажува дека најнепријатните прашања за канцеларот и министрите во Парламентот, се поставувани токму од пратениците од редовите на нивната партија и коалиција.
За донесување нови закони, за Буџетот, спроведување реформи, многу често се случува да се водат долги и мачни дискусии меѓу канцеларот и партиски лидер на владејачка партија и фракцијата (пратеничката група) во Бундестагот.
Објаснувањата за честото противење на пратеници од владејачката партија на политиките на Владата, можеме да го најдеме и во нивните биографии. Најголем дел од нив се личности реализирани во своите професии, со препознатливи резултати во средините каде живеат и пошироко.
Пратеничката функција им преставува чест и се доживува како престиж во општеството.
Пратениците во Македонија
Додека пак, македонските пратеници, според начинот на кој ја извршуваат функцијата, тие најмалку се преставници на граѓаните. Дефиницијата со која можеме да го опишиме нивниот однос кон функцијата гласи: „Партиски избраници во името и на сметка на граѓаните“.
Иако во Законот за Собрание пишува: „Пратеникот е претставник на граѓаните на Република Македонија“. Но, нивното однесување и делување, покажува дека се претставници на нивните партиски лидери. Во Законот за Собрание, исто така пишува дека пратеникот во извршувањето на функцијата, одлучува по свое уверување.
Преставници на партиските лидери
Очигледно е дека пратениците одлучуваат по инструкциите кои им ги даваат нивните лидери. Нивниот полтронски однос кон лидерот е резултат на начинот и околностите при кои се дограбиле до функцијата пратеник. Еден дел од нив, одвај претходно и да помислиле дека некогаш во животот, ќе постанат пратеници, особено со таква леснотија и брзина.
Сепак со својата слепа послушност спрема лидерите, тие ја искупиле пратеничката позиција, но, не можат да ја купат и почитта од граѓаните, бидејќи таа како и авторитетот, мора да се заслужат, со професионален однос, работливост, чесност, доследност и истрајност во постапките.
Лидерите одлучуваат кој да го изберат граѓаните
Неопходно за исчекор во демократскиот развој, неопходно изборните партиски листи, да бидат од отворен карактер, и кандидатите кои добиле најмногу гласови од граѓаните, да влезат во Собранието, а не да зависат од редоследот на партиската листа, кој му го определил партискиот лидер. Или пак, сегашниот пропорционален модел на избор на пратениците, да се промени во мнозински.
Токму поради поданичкиот однос на пратениците кон партиските лидери, Парламентот како институција, е во подредена позиција во однос на извршната власт, тоа резултира да имаме само формално демократија.
Интенцијата на пратеничката функција согласно Уставот и законите, претпоставува пратеникот да ги отвара проблемите на граѓаните во регионот од каде тој е избран. На тој начин може Парламентот да ужива углед кај граѓаните и стравопочит од Владата.
За жал, за нашите пратеници не претставува предизвик, жестоко да дебатираат за катастрофалната патна инфраструктура, нефункционалните водоводни мрежи со азбестни цевки, како функционираат здравствените установи, како и многу други проблеми, кои на граѓаните им го отежнуваат животот секојдневно. Ниеден пратеник не преземал иницијатива да предводи решавање на одреден проблем во средината од каде е избран.
Средбите со граѓаните се сведуваат на состаноци со партиски членови кои чекаат или пак, се борат да бидат ставени на партиските списоци за да бидат вработени во државната администрација. Апсурдни се фалбите од пратениците дека многу закони изгласале, постапка која за голем дел од пратениците, се сведува на механичка операција, сега и олеснета со електронското гласање-стискање копче. Полесно здравје.
Мрзеливи и арогантни
Пратеничката функција не се сведува на гласање за предложените закони според инструкциите од партискиот врв, а притоа да не се прочита текстот на предложениот закон, и да се проучат како ќе се одрази во реалниот живот. Одамна не се сеќаваме некои од пратениците да предложиле закон. Причината за неодговорноста кон пратеничката функција е корумпираноста.
Во деведесетите години пратениците се избираа според мнозинскиот модел, тогаш законите им овозможуваа да бидат истовремено и директори на институции и јавни претпријатија, по правило тоа беа пратениците од власта. Тоа ги корумпираше.
Денеска пак кога се избираат според пропорционалниот модел, уште пред да бидат ставени на партиските изборни листи, идните пратеници, се слепо предани на партискиот лидер, кој пак, им овозможува одредени бенефиции.
Поради ваквите околности на регрутирањето на пратениците, нивните активности во Парламентот се сведуваат на создавање проблеми, со кои, потоа самите со себе се занимаваат.
Кратка препорака до граѓаните: Не гласајте за партиските листи на кои не можете да препознаете личности докажани во професијата за кои сметате дека заслужуваат да го добијат вашиот глас. Без разлика, колку познато и моќно ви звучи името на партијата која потрошила милиони евра да ве убеди да гласате за нив.
М-р Митко Јованов
Авторот е основач на онлајн магазинот
„Револуција“, (веб локација: http://mkrevolucija.com)