Пишува Крсте Лештов
Секојдневно ги следев сите можни огласи, ја испробував среќата, конкурирав на повеќе места. Веќе година дена сум потстанар во Скопје, со надеж дека ќе почнам да ги реализирам моите животни цели и соништа.
Парите на сметка кои ги имав од стипендијата што ја добивав во претходните три години, по неколку месеци завршија. Но мојата упорност ја забележа мојот дедо, кој се согласи целата своја пензија да ми ја дава мене, додека за него велеше тој, умее да се снајде како да преживее.
Знаев дека ќе дојде до оваа ситуација, имајќи во предвид како се одвиваа нештата, посебно во последните три години. Одењето по интервјуа стана мачно, огромна конкуренција, а јас во меѓувреме дипломирав…“
Кампањата која се води и се настојува сите да се запишат на факултет, па денеска дури и оние со никаков капацитет добиваат факултетска диплома! Ама тоа не е мерило за нечија вредност! И додека сите преку ноќ станаа факултетски образовани, утрото веќе сигурно забележале дека останале без денар во џебот!
‘Летаргија, мизерија, невработеност, беспарица…
„…Првата работа, точно една година после моето доаѓање во Скопје, конечно ја добив, некој за среќа успеал да забележи барем дел од капацитетот за кој сум свесен дека го поседувам и заради тоа бев пресреќен.
Работодавачот изгледаше ептен фин и чесен, соработката се одвиваше како што треба, задоволни бевме и двете страни, иако не бев пријавен, сепак работев! Истовремено и работев и учев, а ја развивав и културата на однесување со други луѓе, учев како да функционирам во животот и заради тоа се радував.
После првиот месец ветувања дека ќе ми биде платено, откако на фирмата најпрво ќе и бидат исплатени парите од проектите, некако и успеав да се соземам да не прозборам за она што се сомневав дека е вистина.
Но ситуацијата почна да кулминира кога почнав да сфаќам за што се работи и во бурниот разговор со работодавецот му ја кажав мојата состојба – и пак добив, ветувања! Решив повторно да се смирам и во мој стил, да издржам до крај. Но овој пат, мојата искреност беше уште толку злоупотребена, па по два месеци работа, мене никој не ми се ни заблагодари за ништо, иако останав скоро без денар во џеб, но си велам, барем научив: „Гледај што побрзо да заминеш од оваа земја!“.
Како ехо, ова одѕвонува во мојот ум, ден и ноќ. Едно непријатно искуство и добра лекција, каква е ситуацијата и со каква свест си имаме работа во оваа земја. Се соочив со вистинскиот лик на македонското општество: спој од лошите страни на државите со пазарни економии и од веќе пропаднатите комунинистички режими- полош од оваа комбинација, не може да биде!“
Македонија е сместена помеѓу напредниот запад и заостанатиот исток, а истовремено како да ги спојува и двете најсурови особини на обете страни!
„Ама ова уште повеќе ме мотивираше, наместо спротивното, што секојдневно го забележувам кај нашите млади луѓе. Мојава приказна ми даде едно “прекрасно“ искуство, ме научи со каква свест ќе си имам работа, нормално, ако останам овде и што сè ме чека. Гледајќи ги моите врсници, сочувствувам со нив, знам ни што се мораат да поминуваат. Единствена ефтина забава стана фејсбук, а за сè друго е потребно малку подлабок џеб.“
Сурово општество
Постои неправилна и неправедна распределба на државните ресурси, експлоатација, мизерување и мобинг.
Покомплексна ситуација дополнително ја оптоваруваат и ја прават сложена, менталитетот кој како рецидив од поранешната држава СФРЈ сеуште е присутен, нечесно збогатените кои располагаат со капиталот во државата.
„Ако си храбар, тогаш спакувај ги куферите и замини во странство, или пак, оди да живееш на село, започни да одгледуваш своја храна за да излезеш од ова страдање“ – можеби некој ќе ви рече.
Но поентата не е да бегаме од реалноста, туку да се соочиме и да делуваме! А како да делуваат граѓаните кои се бомбардирани со лажни ветувања, експлоатиран, оставени на себеси, без поддршка и почит?
Одговорот се крие во самото прашање и секому му е јасен кој е крајниот исход од политиката која се води во нашата држава. Најголема лага е кога ќе речат дека граѓаните одлучуваат за сè. Јас никаде не забележувам нешто такво, бар не во нашава земја. Тоа е илузијата која им се продава на граѓаните: „Ти одлучуваш, гласај за оној што ти сакаш!“.
Изборите завршуваат, а вратите на народните избраници се затвораат. Отворени се додека имаат потреба од граѓаните, ама после кога нема потреба, зошто да седат на провев? Па зошто да дозолат да настинат кога отсега, сами и тајно, можат да се насладуваат во просторот што го освоиле.
Малкумина имаат можност да соберат од трошките наслада на политичките избраници, а тоа се обично луѓе кои ги гледаат своите себични и лични интереси, додека мнозинството сепак, си останува во својата мизерија.
Авторот е соработник на онлајн магазинот „Револуција“,