Лице, опачина и превртливост

Од:

Една стара мудрост вели дека медалот има две страни. Животот тоа од секогаш ни го покажувал, а и сега ни го нуди на виделина, без оглед што, трујачите на јавниот медиумски простор од најдолен сителоиден тип, со сите сили се обидуваат да кренат што повеќе прашина и да ни ја смалат видливоста. Токму оваа небулоза за опасната соросоидна кампања, што му се потсмева на секој, барем малку, нормален ум, има таква функција, кревање прашина. Со оваа „погубна“ кампања ќе се создаделе нихилисти, зомбирани егоисти кои го негираат гревот за да остварат лични цели. И кој го тврди ова? Отец од МПЦ. И тоа отец кој е образуван и писмен и кој добро знае дека, за да се случи тоа, луѓето треба да бидат недоизградени, недозреани и недооформени како личности зашто, зрела и стабилна личност не потпаѓа под влијанија.

А каде е вината ако едно општество потфрли во неговата основна задача, да создава здрави и стабилни личности? Не, нема да зборувам за уделот на отецот и на МПЦ во распаѓањето на овој систем. Тие тоа подобро го знаат од мене. Нивните клиентелизам и полтронство си се дел од нивната нечиста совест. Па, ние 10 години се оддалечуваме од основните човечки вредности (сочувство, меѓусебно почитување, чесност, достоинство), 10 години ги негуваме насилството, грабежот, измамата и непочитувањето како вредности, а никој од МПЦ не проговори за опасноста дека тоа води кон духовно распаѓање и целосно оттуѓување.

Ама ќе зборувам за образованието, многу важен процес за формирањето на една личност, а со тоа и за нијансирање на заедницата. А какво е нашето образование? Празно и стихијно, просто речено, само глума. Глумиме образование, ама во него нема ни п од процес, од тек, од систем. Воведовме “големи реформи” за да го растовариме ученикот. А „реално“, учениците никогаш немале повеќе прдмети и понатрпани програми од сега. Наставните програми се такви што низ нив може само да се протрча. Се фалиме со бомбастична таксономија во оценувањето (препознавање, помнење, разбирање, креативност), ама воопшто не водиме сметка како сето тоа делува на ученикот. Зошто нешто ученикот не помни, а зошто нешто не разбира? Спроведуваме систем што создава папагали, совршени повторувачи на туѓи мисли.

Емоционалното созревање го попречуваме, а рационалната и слободоумна мисла ја прогонуваме. Не допираме до „светот“ на ученикот, и тоа токму кога сме му најпотребни. Не знаеме кога и на што се смее. Не знаеме кога и за што е тажен.Не знаеме зошто сѐ повеќе и повеќе училиштето им станува одбивно, па дури и силно го мразат. Голем дел од денот минуваат во училиште, а не се среќни во него. Им наметнуваме трка по оценки и создаваме фрустрирани личности кои, после четиригодишното „тормозење“, не знаат ниту што, ниту каде со себе. Нивните размислувања ги прифаќаме само кога ни повладуваат, кога ни ласкаат. Наставникот/професорот е уште поисфрустриран, поизгубен.

Притиснат од преголемиот број на законски регулативи што треба да ги следи, се претвора во писар, административец или, што е уште полошо, во трговец кој гледа, со својата позиција, да направи што поуспешна трговска зделка. Притиснат, исплашен, без интегритет се предал на чист вулгарен претприемнички дух. Вака уреденото образование е „продукт” на „прочуените реформи“ на МОН. Спирче и неговата банда од празни надуенковци 10 години го уништуваат образованието, го попречуваат здравото развивање на младиот човек во созреана личност.Вака уреденото образование е болест за општеството.

Целта е да се создадат безлични марионети со кои кукларот ќе си игра како што ќе посака. Но, за среќа и во гниењето има зреење. Токму од младоста изрти здраво ткиво што му даде нова надеж на болното македонско општество, надеж, што тивко, ама незапирливо се шири, што и се виде на последните избори. Но, јас сакм да верувам дека и меѓу следбениците на вмро–дпмне има човештина и разум. Сакам да верувам дека сѐ повеќе им е јасно дека најголемото зло за нашата заедница е злосторничкото здружение на фамилијата.

Сакам да верувам дека вие вмровци не сте вмрОВЦИ како што бандитите надуено ве третираат. Сигурен сум дека веќе ги препознавте манипулациите што ви ги пласираат преку сителоидните трабанти. На сите ви е јасно дека влада не формираа затоа што ДУИ ги одби, а не заради некаква принципиелност. Па вие подобро знаете со какво треперење ја очекуваа радосната вест долго во ноќта на 29 јануари.

Вие многу добро знаете дека 20 дена не замајуваа со друга песна, иако сега не убедуваат дека единствен излез биле нови избори. Па, ве молам! Се повикуваат на некакви потези на покојниот Глигоров и тогашната СКМ – ПДП за кои, се` досега, зборувале само во негативни конотации. Кое лицемерие! Па замислете, држава со влада со лабаво мнозинство не функционирала. Тие имале искуство со тоа.Не, пријатели. Државата не функционира кога е подјармена од бандитско, злосторничко здружение, а лабавото мнозинство ќе ја тера владата да биде повнимателна.

Не, ние не сме жртви на светски заговор. Ние сме жртви на заговорот на злосторничката фамилија на братучедите. Е, токму затоа сакам да верувам дека и вие вмровци, особено вие мои некогашни ученици и вашите блиски, знаете дека на Македонија ѝ треба одговорна влада што ќе работи на обновување на институциите и подобар живот за сите чесни граѓани, па кога ќе го подизлечиме општеството, тогаш да мислиме на избори.

Професор Душко Стојановски

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска