Пресудата на Специјализираните совети во Хаг против поранешните лидери на ОВК повторно го отвора прашањето за начинот на кој Македонија се справи со случаите од конфликтот во 2001 година.
Додека Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи беа прогласени за виновни за кривични дела меѓу кои произволно лишување од слобода, сурово постапување, тортура и убиства, во Македонија четирите предмети што Хашкиот трибунал ги врати на домашното правосудство беа опфатени со автентично толкување на Законот за амнестија.
На 19 јули 2011 година, Собранието со 63 гласа „за“ го усвои автентичното толкување со кое амнестијата беше проширена и врз четирите таканаречени „Хашки случаи“ – „Водство на ОНА“, „Мавровски работници“, „Липковска брана“ и „Непроштено“.
Со тоа, наместо македонските судови да ја утврдуваат евентуалната кривична одговорност, како што предвидуваше враќањето на предметите од Хашкиот трибунал, беше создадена правна пречка за нивно понатамошно гонење.
Одлуката беше донесена во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, што денес е особено релевантно кога ДПМНЕ повторно го поставува „патриотизмот“ како еден од своите клучни политички наративи.
Последиците од оваа одлука беа предмет и на забелешки од Комитетот на Обединетите нации против тортура. Комитетот оцени дека автентичното толкување од 2011 година овозможило неказнивост за лица обвинети за кршење на човековите права во текот на конфликтот, при што експлицитно ги посочи четирите „Хашки случаи“. Од Македонија беше побарано да ги преиспита овие случаи и да обезбеди усогласеност со Конвенцијата против тортура и меѓународното право.
Токму затоа датумот 19 јули 2011 година останува дел од политичкото и правното досие на ДПМНЕ и ДУИ. Во моментот кога домашното правосудство требаше да ја утврдува одговорноста за настани поврзани со конфликтот, Собранието донесе одлука со која беше оневозможено понатамошното судско постапување по четири предмети.
Денес, додека од Хаг пристигнува пресуда за воени злосторства поврзани со конфликтот на Косово, вреди да се потсети и на македонскиот пример: што се случи со четирите предмети што Хашкиот трибунал ги препушти на домашното правосудство и кој донесе одлука тие да не добијат судски епилог.
Политичките наративи може да се менуваат, но собраниското гласање од 19 јули 2011 година и неговите правни последици остануваат запишани во официјалните институционални документи.
