Лажна Грета Тунберг разговарала со Заев, Забрчанец вели дека спречиле нов хибриден напад на кабинетот на премиерот

Од:

Премиерот Зоран Заев повторно бил цел на лажен телефонски разговор, овој пат со него разговарала лажна Грета Тунберг. За новиот како што вели „хибриден напад“ извести Марјан Забрчанец, посебен советник на премиерот за односи со јавност, во рамките на дискусијата за дезинформации на конференцијата „Е-општество“. Тој кажа дека лажната екоактивистка закажала и направила телефонски повик, кој иако им бил сомнителен, дозволиле да се реализира.

„Пред неколку дена разоткривме хибриден напад врз кабинетот на премиерот, при што беше злоупотребен идентитетот на младата екоактивистка Грета Тунберг”, рече Марјан Забрчанец.

Тој во своето излагање соопшти дека манипулаторите употребиле брендирани имејл-адреси и телефонски броеви и преку официјално барање до македонско дипломатско претставништво успеале да закажат и да реализираат телефонски разговор со премиерот Заев претставувајќи се како Грета Тунберг и нејзиниот татко. Одредени делови од разговорот биле сомнителни за премиерот и за неговите советници, но сепак била донесена одлука разговорот да оди до крај, со цел да се разоткрие сомнежот.

Грета Тунберг е шеснаесетгодишна шведска активистка за борба со климатски промени, добитничка на годинашната алтернативна Нобелова награда

„Веднаш по завршениот разговор, ги направивме сите проверки за верификација на идентитетот на соговорниците и денес со сигурност можеме да кажеме дека разоткривме хибриден напад врз кабинетот на премиерот. По разоткривањето, стапивме во контакт со семејството на Грета, ги известивме за сите детали, им кажавме дека ќе објавиме во јавност, а од таму добивме одговор дека и тие се многу вознемирени од ваквите вести, дека ќе ја пријават за злоупотребата до надлежните органи и дека се многу благодарни што сме ги информирале за оваа злоупотреба”, додаде Забрчанец.

Според него, овој случај на хибриден напад е многу пософистициран од случајот со руските пранкери, но внимателната комуникација овозможила да биде разоткриен и разобличен. Забрчанец во своето излагање уште додаде дека ваквите софистицирани хибридни напади врз демократските влади имаат цел да ги затворат и уплашат отворените општества, но дека македонската Влада нема намера да отстапи од отвореноста и транспарентноста за која се залага.

Грета Тунберг е шеснаесетгодишна шведска активистка за борба со климатските промени. Тинејџерката е една од четворицата добитници на годинашната награда, колоквијално наречена алтернативна Нобелова награда.
Во август 2018 година Тунберг почна штрајк во училиштата пред шведскиот парламент и со тоа инспирира движење предводено од младите, кое организира штрајкови за климата во целиот свет со слоганот „Петоци за иднината“.

Првиот напад на кабинетот на премиерот го направија руските комичари Владимир Кузнецов и Алексеј Столаров, на јавноста познати како парнкеритете Вован и Лексус. Во јули годинава на својот јутјуб-канал пранкерите објавија снимка од телефонски разговор со премиерот Заев. Му се претставуваат како поранешниот украински претседател Петро Порошенко и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Разговорот трае околу еден час. Разговараат за влијанието на Русија во Македонија, за референдумот, за автокефалноста на Македонската православна црква, при што лажниот Порошенко го убедува премиерот дека автокефалноста може да се добие со поткуп од 100.000 евра за вселенскиот патријарх Вартоломеј, а разговараат и за Косово и за Србија.

По овој разговор, од Владата соопштија дека ги зајакнале безбедносните проверки за телефонските повици на премиерот.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: И го грабна микрофонот на Грета Тунберг, не сакал да слуша за Палестина на климатски протест

(ВИДЕО) Стојаноска за средби Заев-Мицкоски: Не можам ниту да потврдам ниту да демантирам

Александар Тодески

(ВИДЕО) Полицијата во Лондон ја уапси Грета Тунберг

Горан Наумовски

Фирми на Мијалкови и на Трајче Заев должат четири милиони евра за ДДВ: Кои се најголеми должници на УЈП

Орце Костов

Гаши ја потврди средбата со Заев

Ана Ололовска

Грета Тунберг ја обвини елитата на Давос дека ја става „корпоративната алчност“ над луѓето и планетата

А1он