„Ние сме должни да гониме додека постојат докази за сторени кривични дела. Нереални се очекувањата да останеме глуви на состојбите кои ги забележуваме во снимките. Ние водиме истраги врз основа на сознанија, можеме да гониме кривично врз основа на докази. Осомничените не се осомничени поради припадност на одредена политичка партија, туку според доказите. Обвинителите ќе оценат дали има потреба на предлагање мерки за лицата во новите истраги на СЈО“, изјави на денешната прес-конференција обвинителот Љубомир Лапе, одговарајќи на новинарски прашања.
Во врска со предметот „Талир“, Лапе рече дека оцениле дека е подобро да се повлече одлуката за повлекување на барањето за заштита на законитоста.
„Истрагата може да се проширува во повеќе насоки. Но, ние можеме да гониме само дела кои се поврзани со снимките”, рече Лапе во однос на прашањето за истрагата за патните трошоци.
Тој се осврна и на финансирањето на СЈО, откако беше запрашан за примањата на Обвинителството во споредба со неодамнешниот случај со Државната изборна комисија (ДИК), за чии членови беше обелоденето дека зеле високи надоместоци за последните неколку изборни циклуси.
„Не би било упатно да не ставате во тој контекст со ДИK, бидејќи нашите примања беа јавно објавени уште во 2013 година. Ние сме биле транспарентни. Буџетот го поднесуваме до Собранието, даваме шестмесечни извештаи. Во 2016 имаме искористено помалку од 50 отсто од буџетот, од четири милиони евра. Трошоците се за експерти, преведувачи, вештачења“, посочи Лапе.