Купи фабрика, врати зона!

Од:

Тоа што дома се соочуваме со најголемите проблеми досега од владеењето на оваа влада – петкратното убиство, приeмот во НАТО на следниот Самит, реализацијата на Патоказот на ЕУ којшто очигледно сите не го разбираме исто, влошените меѓуетнички односи итн… очигледно не е доволно сериозна причина за премиерот Никола Груевски да го одложи патувањето во Кина и привлекувањето на странски директни инвестиции. Како тоа му изгледа на кинескиот премиер, не знам, но овде многу наликува на онаа народната „село гори, баба се чешла!“.

Премиерот уште еднаш ни покажа дека надежта последна умира. Не информира – оттаму далеку, од туѓина – дека енергетиката, инфраструктурата и можностите за инвестирање во технолошко-индустриска развојна зона каде Кинезите би граделе, ни помалку, ни повеќе, фабрики – биле во фокусот на средбата со кинескиот премиер Вен Џиабао. Згора на тоа, Груевски ни соопшти дека кинескиот премиер бил информиран дека, наводно, Македонија имала најдалеку отидено во однос на регулативата, но и во однос на условите на овие зони.

Не знам од каде кинескиот премиер се информира за состојбата во Македонија, но се ми се чини дека извори му се „Вечер“, „Сител“ и МТВ, бидејќи има делумно точни податоци, а многу повеќе погрешни. Факт е дека Македонија има најмногу постигнато во однос на условите во технолошко-индустриските развојни зони, но ситуацијата кај регулативата е малку поинаква од онаа која ја има премиерот, или која, наводно ја има премиерот на Кина.

Имено, ако ги отвориме Извештаите за напредокот на Македонија што ги подготвува Европската комисија секој октомври/ноември, ќе видиме дека Законот за технолошко-индустриски развојни зони се споменува во континуитет уште од 2008 година. Ако во 2008 година во делот посветен на Поглавје 8 (Политика на конкуренција) се зборува дека законот „треба да се измени со цел да се избегнат можни толкувања на примената на законот кои би биле спротивни на правилата за државна помош на ЕУ“, во 2010 година забележуваме дека Европската комисија го нотира истиот проблем, но сега во Поглавјето 29 (Царинска унија) при што укажува дека „некои одредбите од Законот не се усогласени со европското законодавство“. Во 2011 година, пак, Европската комисија го зборува истото, но овојпат во Поглавјето 16 (Даноци) каде споменува дека нема напредок кај директното оданочување, и дека „ослободувањето од персоналниот данок на доход на вработените во технолошко-индустриските развојни зони се зголемил од 5 на 10 години, додека воведувањето на данок на камата на вложени средства се одложило до 2013 година“. Се прашувам во кое поглавје годинава ќе читаме за неусогласеното законодавство во Извештајот за напредокот на Македонија?

Дали кинескиот премиер ќе го промени мислењето во однос на нашите постигнувања во делот на законодавството кога ќе сфати дека Македонија троши недозволива државна помош за повеќе работи, како на пример за градење на инфраструктура, за обезбедување недозволиви даночни олеснувања, за покривање на платите на дел од вработените во технолошките индустриски зони од државниот буџет итн. Ако утре, не дај Боже, почнеме да преговараме за членство во ЕУ, тогаш дали кинескиот премиер ќе биде подготвен да ги врати парите во Буџетот на Република Македонија, заедно со сите други фирми стационирани во зоните со кои толку многу се гордееме? Мерките кои имаат ефект на намалување на финансиските оптоварувања на одредени фирми се сметаат за државна помош. Во основа, државната помош има негативно влијание врз слободната конкуренција, па затоа во рамките на ЕУ таа може да се доделува само под строго определени услови (во кои не спаѓаат технолошките развојни зони).

Интересен е случајот на Airtel Movil, вториот мобилен телефонски оператор во Шпанија, кој се жалел пред Европската комисија во Брисел на дискриминаторската практика на Telefonica, тогашниот државен оператор. Имено, од Airtel Movil се барало да плати €510 милиони за да се стекне со право да работи на шпанскиот пазар, додека Telefonica смеела да ги дава услугите без воопшто да плати нешто. Тоа практично ја стави Telefonica во повластена положба поради што Европската комисија одлучи дека шпанската влада мора да им ги врати €510 милиони на Airtel Movil или да понуди еквивалентни корективни мерки со чија помош ќе може да се поврати рамнотежата меѓу двата шпански оператора.

Преведено во нашиот случај, тоа би значело дека економските оператори од технолошките индустриски развојни зони ќе треба да ги вратат парите во државниот буџет на Република Македонија во износ еднаков на создадената дисторзија на пазарот. Но, се разбира, тоа ќе се случи само доколку некогаш почнат преговорите за членство, а судејќи според повластиците што Владата им ги дава на фирмите во зоните, тоа нема да биде во следните 10 години!

Легитимно право на секоја влада е да спроведува економски развојни политики, впрочем затоа и добива мандат од граѓаните. Она што не е легитимно е да тврдите дека единствен проблем за почеток на преговорите со ЕУ е спорот со Грција, а да спроведувате политики кои од самиот почеток реално значат блокирање на преговорите од најмалку 10 години.

Лидија Димова

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска