Дали јас сум терорист, дали моите најмили, моите комши, другари, пријатели, сограѓани сме терористи?
Дали сите Кумановчани сме терористи?
НЕ, НЕ, НЕ…
А кој тоа не направи тогаш сите терористи?
А кој тоа не стави во ист кош со болните избезумени умови кои што дојдоа во нашиот град, кучиња на војната, да вршат терор и да ни ги убиваат припадниците на безбедносните сили, нашите браќа и другари, нашите деца и внуци?
Зошто се дозволи тоа, како дојде до тоа мојот град да добие епитет на терористичко дувло?
Зошто најхрабриот и секогаш прв град во оваа држава денеска живее во страв?
Каде е овде државата бидејќи властите многу одамна веќе ги нема, заглавени во сопствените интриги и партизацијата на остатоците на државата обземени од желбите да ги задржат веќе потрошените функции?
Кој лаже а кој глуми, кој е во овој филм сценарист а кој режисерот?
Актерите се познати, но зошто дозволивте да ни ги мељаат децата како живо месо?
Зошто во иднина нас Кумановчаните ќе не вадат при секоја пасошка контрола од опашката и ќе не прашуваат од каде доаѓаш и каде и зошто одиш?
Зошто децата наши да реагираат со страв во иднина на секоја петарда?
Зошто македонските мајки плачат по синовите свои, зошто комшиите мои ни криви ни должни со семејствата спиеа во подрумите свои, зошто се создаде 24 часовна војна, зошто???
Штабот работеше, државата водеше, храбрите момци извршуваа а дилетанти ко вас водеа и управуваа, од каде, од канцеларија…
Каде се сега службите да известат и информираат, или само знаат телефонски разговори на опоненти да снимаат?
Како тоа сите во Куманово дента знаеа што ќе се случи а вие платените од нас за тоа не знаевте, како тоа со налог ги испративте на претрес а ги дочекаа со рафали и канонади?
Кој е сценаристот прашувам сега? Кој и да е ќе мора да го дознаеме, ако не повеќе некој ќе мора да го плати плачот на мајките и децата, болката на загубите и сето зло што се нанесе.
Тоа со пари не се плаќа.
Не верувам во оваа власт дека сака да ја открие и каже целата вистина за дводневната војна во Куманово.
Има луѓе кои можат, вистинските професионалци во МВР, оние кои што крвареа дента, оние кои што сеуште тагуваат по сопствените колеги, професионалците и експертите кои што се надвор од институциите, сите во една заедничка КОМИСИЈА која ќе го истражи случајот од почеток до крај.
Професионалци кои ќе покажат дека градот кој што дал и повторно даде осум народни херои не е терорист, дека оваа контролирана криза беше увезена, дека некој направи големи пропуст и треба да одговара за тоа.
Не Груевски, јас ти побарав оставка и на тебе, Гордана и Сашо се само еден дел од линија на одговорноста.
А ние, ние ќе го надминеме и оваа, куќите ке се направат, раните колку можат ќе се закрпат, соживотот созреа на ова а душата ваша мир нема да има од оваа…
Никогаш да не се повтори…
Максим Димитриевски, претседател на Советот на Општина Куманово