Поранешниот министер за надворешни работи на Словачка и европратеник од редовите на Европската народна партија (ЕПП), Едвард Кукан, го нарече „мало чудо” постигнувањето на договор за ставање крај на политичката криза во Република Македонија, во чии преговори во име на ЕУ учествуваше и тој, заедно со европратениците Иво Вајгл и Ричард Ховит, а на чело со еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, вчера, во раните утрински часови, а по неколку месеци преговори, европратениците Кукан, Вајгл и Ховит, заедно со комесарот Хан успеаја да обезбедат договорот што треба да доведе до надминување на политичката криза во Македонија. Овој договор, според Кукан може да ја отвори вратата за понатамошна интеграција на земјата во НАТО и во ЕУ.
– Беше тешко да се дојде до договор и истиот е мало чудо. По неколку месеци напорни преговори и вчерашниот 12-часовен маратон, ние конечно успеавме да им помогнеме на македонските политичари да ја надминат долготрајната политичка криза во земјата. Стабилноста и развојот на Балканот е еден од нашите приоритети во надворешната политика, па јас сметам дека е важно да се употреби нашето искуство и придонес кон договорот што земјата може да се движи напред и да се дозволи нејзин понатамошен демократски развој, посочува Кукан.
Според европратеникот, политичката криза во Македонија започна во 2014 година, кога опозициската СДСМ го напушти парламентот, а подоцна оваа партија започнала со објавување на снимени разговори на владини политичари што укажувало на корупцијата. За политичкото решение на кризата, според Кукан, Европскиот парламент се заинтересирал во април 2015 година, а по неколку месеци интензивни преговори, ЕП успеал заедно со ЕК да обезбеди договор меѓу четирите политички партии: ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА.
Договорот следеше по средбата на 2-ри јуни и истиот, според словачкиот европратеник, вклучува враќање на опозициската СДСМ во Собранието, организирање на нова влада што ќе подготви избори што ќе се одржат на 24-ти април 2016 година и назначување на специјален обвинител што ќе ги испита прашањата поврзани или се резултат на следењето на комуникациите.
– Македонија мора да ја искористи оваа можност за да се стабилизира политичкиот систем и земјата да се врати на приоритетите на евро-атлантските интеграции. Среќен сум што политичарите во Македонија, конечно, најдоа храброст да се надмине кризата и се надевам дека вчерашниот договор ќе се спроведува со добра волја. Јас сум подготвен да продолжиме да работиме со сите страни за да се обезбеди целосно спроведување на сите аспекти на обврските, вклучувајќи ги и препораките итни реформи на Еврокомисијата во однос на системските прашања на законот, дециден е Едвард Кукан.