Основниот суд Скопје 1 постапува по барањето за екстрадиција на поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски. Од скопскит Кривичен суд потврдија за МИА дека Кривичниот совет од Одделението за организиран криминал работи на барањето кое преку Апелацискиот суд пристигна од Министерството за правда и дека по донесената одлука ќе ја информираат јавноста.
Во Судот во Солун денеска треба да се одржи судењето Грујевски и Бошкоски, по кои македонските власти имаат распишано меѓународни потерници, јавија грчките медиуми.
Тие минатиот петок беа изведени пред Судот во Солун поради поседување лажни патни исправи, но судењето беше одложено за денеска поради немање преведувач од грчки на македонски јазик.
Грујевски и Бошкоски се обвинети од Специјалното јавно обвинителство за нелегално прислушување и за уништување на системите за прислушување, случаи познати како „Тврдина“, „Таргет“ и „Тврдина 2“.
Двајцата беа уаспени од грчката полиција на аеродромот во Солун на 18 октомври, при обид со лажни бугарски пасоши да заминат со авион за Будимпешта.
Претходно грчки медиуми јавија дека Грујевски и Бошкоски може да бидат екстрадирани кон крајот на ноември или во првите недели на декември годинава, а дотогаш ќе бидат во притвор во Грција.
Постапката од македонска страна ќе ја води Министерството за правда, кое од МВР го има добиено известувањето од Интерпол-Атина за Бошкоски и Грујевски, кои се бараа со меѓународна потерница. Министерството за правда минатата недела соопшти дека доставило барање до надлежниот суд во Скопје за подготовка на целокупната документација за нивна екстрадиција, откако е добиено официјално писмо од Централни полициски служби на МВР.
Премиерот Зоран Заев, СЈО и Министерството за внатрешни работи изјавија дека не очекуваат да биде попречена екстрадицијата на Грујевски и Бошкоски од Грција во Македонија.
Скандалот со прислушувањето во Македонија почна во 2015 година и предизвика политичка криза во земјата.