Надворешната канцеларија за кривични работи Македонски Брод поднесе кривична пријава против М.В. (58) од Македонски Брод, градоначалник на оваа општина, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Како што соопшти денеска МВР, во текот на 2014 година, пријавениот спротивно на Договорот за доделување на нафтени деривати од 7.000 литри нафта за чистење на речните корита на реката Треска на подрачјето на општина Македонски Брод, дозволил фирмата „Кодекс Консалтинг“ ДООЕЛ Кичево, избрана како најповолен понудувач да не ги изведе во целост договорените обврски, односно наместо планираните седум делници кои биле предмет на јавната набавка да исчисти само четири делници, и за истото на фирмата и ја исплатил договорената цена во целост во противредност на 3.000 литри нафта, а останатите количини нафта од 4.000 литри противзаконито ги присвоил за општината.
Исто така, пријавениот во периодот од 2012 до 2015 година, без да се изготви и донесе интерен акт-Правилник за начинот на евидентирање и контрола на потрошувачката на горивото за службените потреби на возилата од општината, без да се изготвуваат патни налози за службени патувања на возилата и евиденциони картици за секое возило посебно, со помината километража и потрошувачка, дозволил да се набавува и троши горивото на незаконит начин и за приватни цели во износ од 1.596.677,26 денари.
Покрај ова, од Буџетот на општина Македонски Брод вршел исплата на средства на физички лица, спортски клубови, Здруженија на граѓани и фондации во износ од 3.509.238,50 денари. Потоа, пријавениот давал согласности за вработување на лица во основни и средни училишта, Дом на култура и Детска градинка и исплаќал средства за плати и придонеси од Буџетот во износ од 6.853.167 денари на ново вработените лица без за тоа да има систематизирани работни места во актите за систематизација, додека за систематизациите на некои акти не биле дадени согласности од надлежните министерства.
За ненавремената исплата на обврските на општината кон добавувачите за периодот од 2012 до 2015 година, за камати и други такси по налози за извршување, исплатени се средства во износ од 524.627 денари. Со ваквите незаконити дејствија оштетен е Буџетот на општина Македонски Брод во вкупен износ од 12.483.769 денари.
НК КР Македонски Брод поднесе кривична пријава против истото лице и поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“, „соизвршителство“ и „помагање“ при „незаконска експлоатација на минерални суровини“, како и против М.С. (58), управител на ДПТ „Пела Транс“ ДООЕЛ с.Мажучиште, прилепско и против правното лице поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“, „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство“ в.в. член 45 и член 129 од Законот за јавни набавки, ,„соизвршителство“ и „помагање“ при „незаконска експлоатација на минерални суровини“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“, против И.Е. (54), управител на ДГПТУТ „Бибај експорт “ДОО експорт импорт Тетово и против правното лице поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „незаконска експлоатација на минерални суровини“ и против Ѓ.В., одговорно лице на фирмата „Веинг ДООЕЛ“ Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“, „помагање“ при „незаконска експлоатација на минерални суровини“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“.
Во текот на 2015 година М.В. донел одлука за јавна набавка за работа – пробивање на улици во викенд зона Близанско во општина Македонски Брод. Иако склучил договор за изведување на работите со фирмата „Пела Транс“ ДООЕЛ на М.С., дозволили истиот незаконски и спротивно на одредбите од Законот за јавни набавки, да склучи посебен договор и јавната набавка да ја одстапи на третопријавениот И.Е. и на фирмата „Бибај Ескпорт“ Тетово, без притоа градоначалникот да поведе постапка за заштита на претходно склучениот договор.
На овој начин индиректно му овозможил на И.Е. незаконски да изврши експлоатација на минерална суровина во количини од 13.881,53 метри кубни, како и незаконски да експлоатира тампонски материјал од дробен камен во количина од 7.174,17 метри кубни. Исто така Ѓ.В. не постапил согласно одредбите од договорот за вршење на стручниот надзор на изведување на работите и знаел дека работите се изведуваат од страна на друга фирма, сепак целокупната документација ја составил и потпишал на име на фирмата „Пела транс“ како таа да ги изведува работите. Со ваквите дејствија општината Македонски Брод исплатила вкупно 14.281.332,83 денари за објект, кој е примен во употреба без валидна документација за квалитетот на вградениот материјал.