Управата за финансиска полиција поднела кривична пријава против тројца вработени во Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП) кои дневниот промет кој им бил доверен не го заведувале соодветно во сметководствената евиденција и го оштетиле претпријатието за близу половина милион евра. Се товарат за две кривични дела односно за злоупотреба на службена положба и овластување и за затајување.
„Во период од 2017 година до 2021 година, спротивно на Меѓународните сметководствени стандарди број 7 и број 8, направиле повеќе книжења во сметководствената евиденција без поткрепа на сметководствени документи, неправилно внеле почетни состојби во сметководствената евиденција и не извршиле усогласување на аналитичката со синтетичката евиденција на приходите и расходите согласно утврден контен план, а паричните средства кои им биле доверени од остварениот дневен промет, ги предале во помал износ во правниот субјект со цел истите да ги присвојат за себе, на начин што го оштетиле буџетот на ЈСП Скопје за вкупен износ од 28,065.476,00 денари“, соопшти Управата.
Кривичната пријава е поднесена до Основното јавно обвинителство Скопје.