Кривична пријава против шест лица од Тетово и едно лице од Мала Речица е покрената поради основано сомнение дека сториле кривични дела „изнуда“ и „лихварство“.
Кривично се гонат 28-годишниот Н.М, 31-годишниот М.А, 25 годишниот Б.А, 32-годишниот Е.М, 24 годишниот Р.Т и 22-годишниот А.А од Тетово, како и 35-годишниот Х.К од Мала Речица.
Во текот на минатата година, 30-годишниот Ф.П од Тетово, во три наврати од М.А зел на заем вкупно 23.000 евра, а тој од него побарал да му плаќа месечна камата од 2.000 евра, на што Ф.П. се согласил. Каматата редовно му го плаќал на братот на М.А, меѓутоа, плашејќи се да не задоцни со плаќањето подоцна позајмил пари од Х.К. со месечна камата од 1.700 евра. Кога му снемало пари за враќање, Х.К започнал да му се заканува дека ќе ја убие мајка му. Пред шест месеци, Ф.П бил принуден да се задолжи и кај Е.М од кого зел 13 илјади евра при што на Н.М и на неговиот брат Е.М им плаќал месечна камата од 20 проценти и според неговото кажување им исплатил повеќе од 30.000 евра.
Минатата недела, Н.М и Е.М му побарале уште 23 илјади евра и му понудиле можност за еден ден да му го пролонгираат плаќањето, по што извесна сума позајмил и од Р.Т и А.А. Откако не можел повеќе да ги исплаќа бараните суми од лицата кои му ги позајмиле парите, уследиле закани по неговиот и животот на неговите најблиски.
На 10-ти декември годинава, Ф.П го пријавил случајот во СВР Тетово, обезбедил 500 евра, кои претходно биле соодветно обработени и му ги дал на Н.М. Попладнето Н.М е приведен и одземени му се обележаните пари, а истражен судија на Основниот суд Тетово вчера му определи триесетдневен притвор.
Тројца од пријавените, М.А, Х.К и Е.М веќе се на издржување затворски казни за други кривични дела, а по другите тројца се трага.