Криминалната приватизација нема виновник

Од:

Граѓанската иницијатива АМАН почна со собирање десет илјади потписи за предлог-измена на Законот за Регулаторната комисија, во кој како дел од него би се вовела измена да има дневна евтина тарифа за електричната енергија и луѓето кои не користат парно да не плаќаат.

Се чувствувам горд затоа што сум дел од оваа граѓанска иницијатива, но кога ќе размислам што бараме, тогаш, некако, станувам тажен. Тажен сум затоа што живеам во држава каде што најголемата борба е во тоа да не платиш нешто што не користиш, ете затоа сум тажен! Во држава која според уставот треба да биде социјална, каде што вредноста на солидарноста ја има само на хартија, најголема борба е да се избориш да не плаќаш нешто што не користиш.

Дваесет години државата само зема од луѓето, а ништо не им враќа. Па така, во буџетот нема место за стечајците кои цел свој работен век создавале за оваа држава, но затоа, пак, има место за споменици, музеи и врби. По дваесет години имаме катастрофални услови во образованието, здравството, енергетскиот сектор, патиштата, пензискиот фонд… сè што ќе ти падне на памет е пред колапс.

ДПМНЕ е партија која најмногу плука врз криминалната приватизација и олигарсите, со тоа стекнувајќи доверба кај работниците. Седум години ДПМНЕ се на власт, а уште ни зборува за криминалната приватизација во која најмногу беше оштетен работникот. За седум години, ако сакаа, имаа време да соберат докази и да ја расчистат криминалната приватизација и крадците да си завршат кај што им е местото.

Но, што имаме всушност, Sинго е во коалиција со ДПМНЕ и неговата партија никогаш не била појака, да се каже некој збор за работнички права во Кратово – „мало морген“. Добра ладна вода за луѓето, сè останато е помалку важно. Орце Камчев, кој исто така во минатото бил играч на СДСМ, сега им е верен другар; и за него мислам дека никогаш не бил појак. „Фершпед“ им беше пример кој не го вадеа од уста на прес-конференциите, а сега никому ништо. Приватизацијата на „Окта“ и на „Телеком“ си ја направија тие и за тоа мува не ги лази.

Сега нешто демек плукаат само врз приватизацијата на ЕСМ, бидејќи сега е актуелно прашањето за скапата струја, но затоа најавија, како што велат, докапитализација на ЕЛЕМ. А за тоа зошто ЕЛЕМ и МЕПСО имаат поголемо учество во барањето за поскапа струја отколку ЕВН, одговор нема. Премиеру и министри, нели бевте против олигарсите и криминалната приватизација?

Откако сте на власт, јас не видов ниту еден случај некој олигарх да заврши во затвор за некоја криминална приватизација! Ако тврдите дека имало криминална приватизација, ве молам работете си ја работата и тие што краделе да ги видиме в затвор. Да не случајно сте застанале во одбрана на крупниот капитал на штета на чесните работници со чии гласови сте на власт?

Стечајците и социјалните случаи не знаат како преживуваат, ДПМНЕ и по седум години власт ни зборува за олигарси и криминална приватизација. Во време кога секој ден животот станува сè поскап, народот се убива од работа за двесте евра плата, олигарсите мирно си спијат со спечалени пари на грбот на работниците. Баш сакам да видам дали функционерите кои се на власт, чии усти се полни како тие се грижат за народот, ќе се потпишат да го поддржат предлог-законот на граѓанската иницијатива АМАН со кој граѓаните ќе имаат поевтина дневна струја и нема да плаќаат за парно ако се исклучиле и не го користат повеќе.

Ако не го поддржат ниту ова, тогаш е очигледно дека не им е до народот, туку им е до тие што се збогатуваат на грбот на народот. А нам, народе, ни останува да почнеме да се бориме, да решаваме проблем по проблем сè додека не добиеме некоја власт што ќе мисли за состојбата на работникот, а не за парите на богатиот. Прв чекор е да се потпишете да имате дневна евтина тарифа за струјата и да не плаќате парно ако не го користите, а потоа ќе правиме уште чекори за да се смени состојбата во која опстојуваме. Нема да се сменат нештата ако народот не си ги смени навиките. Затоа, промената почнува од нас самите.

Граѓанските иницијативи „Стоп на полициската бруталност“, „Заедно за мир“ и АМАН се доказ дека свеста на народот веќе почна да се менува кон подобро. Ни недостигаат уште институции за да реагираат на недостатоците на кои им укажуваат луѓето, иницијативите и невладините организации. Ни недостига уште правна држава за да може да се развива општеството. Се надевам дека во следните дваесет години ќе ја имаме.

Џељо Хоџиќ

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска