Премиерот Димитар Ковачевски денеска ја отстапи Владата на младите со учество на завршна активност „Младите ја преземаат Владата“, дел од регионалната младинска конференција #ThinkForward: YOUth Action NOW!, организирана од Делегацијата на ЕУ како дел од програмата Европска година на младите.
Настанот на кој младите известувачи ги презентираа нивните согледувања на неколку клучни теми со поздравен говор ја отвори амбасадорот на ЕУ во Република Северна Македонија, Дејвид Гир.
Пред премиерот Ковачевски и членовите на Владата на темата за регионална соработка и помирување говореше Бленди Ходаи, за менталното здравје на младите говореше Мимоза Серафимовска а за климатските промени и зелениот одговор на ЕУ, Марија Бургиева. Тие укажаа на неопходноста да се чуе нивниот глас и потребата да бидат поинтегрирани во донесувањето на одлуки во институциите.
Во своето обраќање премиерот Димитар Ковачевски ги повика и охрабри младите луѓе да преземаат акции и да ги реализираат своите идеи, а Владата ќе настојува да создаде најповолна клима за остварување на нивните амбиции вклучувајќи го и брзото реализирање на процесите за интеграција во ЕУ каде што припаѓа нивната иднина.
„Задоволство ми е и што можам да ги чујам сите мислења на исклучително важни теми, кои ги засегаат не само младите, туку и возрасните, како и идните генерации. Драго ми е што се согласуваме околу тезата дека вистинските лидери не носат одлуки што го засегаат нивниот резултат на следните избори, туку одлуки кои што ја засегаат и подобрата иднина на идните генерации“, истакна Ковачевски.
Тој ја изрази својата почит кон придонесот на сите млади луѓе, споменувајќи ја нивната храброст, иновативност, свежи претприемнички идеи, преку кои успеаја да ги воведат новите индустрии во нашата држава коишто влијаеа на економскиот раст.
Премиерот Ковачевски укажа и на позитивните аспекти на соработката на младите со нивните врсници од регионот укажувајќи на извонредните можности што произлегуваат од активностите на Регионалниот совет за соработка во рамките на Берлинскиот процес, како и од можностите што ги нуди иницијативата Отворен Балкан за регионална интеграција која ни е потребна за зголемување на трговијата, за размена на знаења и на образование.
Во дискусијата, во која учествуваа и Бојан Маричиќ, заменик-претседател на Владата за европски прашања, Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика, Насер Нуредини министер за животна средина и просторно планирање, Владимир Рендевски, заменик-министер за здравство, Љуљзим Алиу, заменик-министер за образование и наука, Марјан Забрчанец, национален координатор за Отворен Балкан и регионални иницијативи и Роберт Алаѓозовски национален координатор за интеркултурализам, едно општество, беше заеднички оценето дека оваа активност има за цел да ја олесни директната дискусија меѓу младите луѓе и владините претставници и дека вратите на институциите секогаш ќе им бидат отворени за нивните иницијативи за креирање на добри, квалитетни политики за млади.