Ковачевски: Не е точно дека со ДУИ договараме бојкот на изборите на 8 мај

Од:

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) Димитар Ковачевски ги повика сите граѓани масовно да излезат на гласање на 8 мај за вториот круг Претседателски и за Парламентарните избори и негира дека СДСМ и ДУИ договараат бојкот на изборите.

– Тоа е неточно. Ги повикувам сите гласачи масовно да излезат на изборите на 8 мај и да го поддржат претседателскиот кандидат Стево Пендаровски и коалицијата „За европска иднина“ на Парламентарните избори. Без исклучок да имаме масовен одѕив, да избереме и претседател и парламентарен состав и Македонија да продолжи на својот пат на европските интеграции, рече Ковачевски.

За слабите резултати од првиот круг Претседателски избори, на кои нивниот кандидат Стево Пендаровски доби околу 180 илјади гласови, изјави оти е „факт дека граѓаните пратиле многу јасна порака која СДСМ јасно ја примил“. Очекува многу поголема поддршка во втор круг, во кој, рече, продолжуваат „со крената глава“.

– Ние ја примивме пораката во првиот круг на Претседателските избори за сите грешки коишто беа направени во текот на изминатите седум години. Седум години не е мал период на водење влада. Но, очекуваме со разговор со граѓаните во сите градови, во сите села во државата да ја добиеме поддршката во вториот круг за претседателскиот кандидат Стево Пендаровски… Но, со крената глава продолжуваме во вториот круг, рече Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања по средбата со претставници на МАСИТ.

Знае од што се незадоволни граѓаните и дека главни теми што ги преокупираат се поголема борба со корупцијата, поголемо владеење на правото и поголем животен стандард. Но, клучен услов за сето тоа да се оствари, нагласи лидерот на СДСМ, е државата да стане членка на Европската Унија и затоа нивната програма е наслоена „За европска Македонија“. Притоа посочи дека се зaлага за спроведување ветинг, т.е. проверка на имотот на сите судии, обвинители и политичари.

На прашањето од кого ќе добијат поддршка во втор круг и дали очекува прелевање гласови од други партии и од граѓани Албанци, одговори дека поддршка ја очекуваат од сите граѓани, без разлика на припадноста.

-Никој не ги има гласачите под своја контрола, да ги чува некаде и да ги наведува како да гласаат. Ние имаме кандидат кој е граѓански. Пендаровски е кандидиран со над 22 илјади потписи од граѓаните и е поддржан од коалицијата „За европска иднина“, вклучително и Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. И тој јасно кажа на неговата прес-конференција дека ќе ја бара поддршката од граѓаните, а не од кандидатите кои не се пласирале во вториот круг, рече Ковачевски.

Потврди дека како лидер на СДСМ има разговори со политичките партии, како што рече, „на различни нивоа“.

– Вклучително и јас имам разговори со политичките партии на различни нивоа и ги повикувам сите да имаме масовна излезност на изборите на 8 мај и да избереме претседател на државата со којшто ќе имаме сигурна, европска иднина на државата, и да избереме парламент кој ќе носи храбри одлуки за државата за на граѓаните да им го дадеме она што го очекуваат и заслужуваат, нагласи Ковачевски.

Не е точно, рече, дека Пендаровски добил помалку гласови отколку што има членство СДСМ, затоа што, рече, партијата што ја предводи има 74 илјади регистрирани членови.

На прашањето дали ќе понесе одговорност и оставка поради слабите резултати, Ковачевски одговори дека до одговорност и за причините се доаѓа врз основа на анализи на ниво на општински организации во партијата, и на ниво на Централниот и Извршниот одбор.

-Потоа телата на партијата ги носат одлуките како партијата ќе продолжи понатаму. Така било од формирањето на партијата, така ќе биде и по овие избори и после секои други избори, рече Ковачевски и додаде дека „стандардна процедура е во СДСМ“ е и во статутот е регулирано одржувањето конгрес со анализа на резултатите и потоа избори на кои се бара изјаснување за претседател на партијата и на партиските органи.

Би можело да ве интересира

ДИК: Завршија парламентарните избори, Азизи нов пратеник на местото на Касами

Управен суд ја одби како неоснована тужбата на „Европски фронт“ за прегласувањето во Желино

„Европски фронт“ поднесе тужба до Управен суд за прегласувањето во Желино

ДИК ќе одлучува по приговорот од Европскиот фронт

Катерина Ѓуровски

Коалицијата „Европски фронт“ доставила приговор до ДИК за прегласувањето во Желино

Преговорите на новата Влада се во напредна фаза, при распределбата се води сметка за бројот на добиени пратеници информира ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски