Костиќ, претседател на МЗ Галичник: Дедо Павле качи температура и не ги препознаваше домашните

Од:

Утрово Центарот за управување со кризи и МВР со хеликоптер го извлекле од завеаното село Галичник 78 – годишниот Павле Луканоски кој веќе шест дена имал висока температура.

Тој е сместен во Градската општа болница во Скопје „8 Септември“. Директорот Христијан Костов вели дека Луканоски е згрижен и се следи неговата состојба.

„Пациентот има хипертензивна криза, субфебрилен е и дементен“, кусо изјави директорот Костов за „А1он“.

На акцијата со хеликоптерот претходеле обиди Луканоски да се пренесе в болница со ратрак, оти селото е отсечено за секаков друг начин на превоз,  но без успех. Претседателот на месната заедница Галичник, за „А1он“ раскажа дека почнале да бараат начин да го пренесат Луканоски уште за време на викендот.

„Состојбата со дедо Павле ни стана јасно дека е алармантна кога почна да не ги препознава сопругата и ќерката со кои живее кога качуваше температура. Постојано сме во контакт со семејството па во неделата се обидовме со ратрак да го изнесеме од селото, но ни се расипа. Семејството го направи првиот контакт со Центарот за управување со кризи, оти таков е протоколот, а ние ја координиравме целата акција. Изминативе два дена временските услови не дозволуваа да дојде хеликоптерот. Времето вчера попладне се подобри и доцна синоќа акцијата беше договорена. Специјалци од единицата ‘Тигар’ го извлекоа дедо Павле и тој е веќе сместен во болницата ‘8 Септември’, вели претседателот Костиќ.

Патот до Галичник во должина до 16 километри е завеан од 10 јануари и селото е целосно отсечено. Претседателот Костиќ вели дека селото сега има петмина постојани жители кои живеат од залихи.

„Од селото може да се излезе само пеш. Се симнуваме до Јанче за залихи да направиме, тоа е 6-7 часа пешачење, друг начин нема“, вели претседателот Костиќ.

Луканоски со сопругата и ќерката е постојан жител на Галичник од 1990 година. Селото има повеќе жители на лето, но поради отсекувањето, наесен си заминуваат и се враќаат напролет.

Ова зимска сезона првпат биле отсечени на средината на октомври, минатата година кога паднал снег, но по неколку интервенции снегот бил расчистен.

„Тогаш среќа што немаше многу снег, дојдоа и го расчистија. Повеќе ние чистевме отколку тие, но веќе на 29 ноември повторно падна снег и останавме отсечени до 31 декември. Околу Нова година се патот го подзачистија, но од 10 јануари повторно сме целосно отсечени“, вели претседателот Костиќ.

Месната заедница со објавата на видеото од акцијата за спасување на Луканоски објави и апел до надлежните да отворат зимски пат до Галичник, преку селото Јанче, делница од само 5 километри чија изградба сметаат дека ќе чини помалку отколку ваквите итни акции.

Би можело да ве интересира

Лични документи можат да се подигнат и в среда на денот на изборите

Анита Петровска Рајковиќ

Бојмацалиев: Одделенијата за внатрешни работи во Кочани и Берово подготвени за претстојниот Изборен процес

Автомобил удрил во малолетник во Скопје – пешакот со тешки повреди

Македонец доживеал мозочен удар во Унгарија, денеска е префрлен во Скопје со медицинскиот хеликоптер

Катерина Ѓуровски

Запалени две диви депонии во тетовско

Возач од Македонија имал мозочен удар во Унгарија, денеска е пренесен во Скопје со медицинскиот хеликоптер