Шест од 48 судии од Кривичниот суд се заразени од коронавирус или изолирани поради контакт со лиц позитивно на вирусот. Судењата за предметите што тие ги водат се одложуваат. Другите судии, што изразиле желба, изминатите денови се вакцинирани против коронавирусот. За разлика од нив, службениците во Кривичниот суд не се на приоритетната листа за вакцинација. Од 300 вработени, во овој момент осум се позитивни на вирусот или се во изолација. Во изминатиот период постојано се одложуваат рочишта поради изолација на судии, поротници, обвинети, адвокати.
„Во однос на евентуален кластер, како што наведувате во прашањето, во споредба со дневните билтени на заболени на територијата на целата држава, како и фактот дека од над 350 вработени во судот, во моментот само 14 лица се отсутни поради изолација, сметаме дека Кривичниот суд засега добро се справува со пандемијата, а показател за тоа е што поголем број од насрочените расправи на ниво на целиот суд се одржуваат без непотребни одолжувања, а дежурните судии на претходна постапка и кривичните совети непречено и во законски утврдениот рок постапуваат по предметите“, велат од Кривичниот суд за „А1он“.
За вакцинацијата на службениците, кои не се на приоритетната листа за разлика од судиите, Кривичниот суд вели дека одговор треба да даде Судскиот совет. Оттаму, пак, се прогласуваат за ненадлежни.
„Самиот претседател менаџира со својот суд врз основа на донесените препораки“, велат кусо од Судскиот совет прашани зошто службениците не се на приоритетната листа за вакцинација.
Од Кривичниот суд уверуваат дека се следи протоколот за работа за време на пандемија, па затоа не е доведена во прашање редовната работа.
„Предметите по кои постапуваат судиите што се во изолација навреме се презакажани за што судот, освен што ги известил странките во постапката, известува и за одложени судења поради изолација на адвокати, обвинети и обвинители токму во правец на заштита на здравјето на преостанатите странки во постапката,, како и вработените во судот.
Потребно е да знаете дека Кривичниот суд – Скопје беше прв суд во земјата што го промовира протоколот за работа на судовите во услови на пандемија и токму заради строгото придржување кон пропишаните мерки не е доведена во прашање редовната работа на судот. Воедно, за евентуално нови построги мерки и можноста за вакцинација на вработените во судот како најдобра мерка за заштита можете да се обратите до належниот Судски совет.
Поради изолација на еден од обвинетите, денес е одложено рочиштето за предметот „Тортура“ и е презакажано за една недела подоцна. Одложени се и две судења за предметот ТНТ, но поради изолација на членови на судечкиот совет.