Советот на јавни обвинители на денешната седница им го прекина мандатот во Специјалното јавно обвинителство на десетте помошници на Катица Јанева.
Обвинителката Лиле Стефанова се враќа во радовишкото јавно обвинителство. Неа лани и истекол мандатот во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Обвинителите Љубомир Лапе и Бурим Рустеми се враќаат во кумановското јавно обвинителство.
Стефчо Донев во Јавното обвинителство во Кочани, Елизабета Јосифовска во Обвинителството во Гостивар.
Петте обвинители Фатиме Фетаи, Гаврил Бубевски, Артан Ајро, Трајче Пеливанов и Ленче Ристоска од утре на работа ќе одат во скопското обвинителство.
Претседателот на Советот, Ацо Колевски, рече дека отпосле ќе одлучуваат за евентуално времено упатување во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција
Одлуката стапува на сила по објавата во „Службен весник“.
Колевски рече дека Законот за СЈО се’ уште е во правна сила и е отворена опцијата обвинителите да бидат прераспределени на места со споредливи лични примања, т.е. во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција или во Вишото обвинителство.
Во саботата, по едногласната одлука на Собранието, Советот ја разреши специјалната јавна обвинителка која е во притвор за случајот „Рекет“.
Предметите на СЈО ги презеде Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески најави дека постапувањето по предметите на СЈО ќе продолжи, но оти се уште не е утврдено кој ќе ги застапува.
Јовески може да им ги додели предметите и на обвинителите од СЈО кои и досега ги водеа.
Од предметите за кои СЈО покрена над 20 обвиненија, само три се целосно затворени, неколку се вратени на повторно судење или се чека изјаснување на Апелациониот суд.