Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски денеска ја посети Преспа каде во тек е бербата на јаболкото.
Годинашната реколта се проценува на 80 илјади тони. Родот е со одличне квалитет, пласманот солиден, а цените во зависност од квалитетот се движат од 16 до 20 денари. Дневно се продаваат и по 400 тони јаболко, главно за извоз.
Коњановски задоволен од квалитетот на преспанското јаболко истакна дека за да се постигне подобра цената покрај пазарите значајни се и просториите за скласирање, па затоа посочи дека Владата во тој дел ќе помогне со субвенции.
– Во Преспа досега по основ на субвенции во последните три години доделени се околу 100 трактори и голем број приклучна механизација, како и 100 милиони денари. Како Влада остануваме да бидеме посветени да помогнеме на овоштарите во осовременувањето и изградба на ладилници и да се отворат нови пазари, освен традиционалните земји. ЕУ, Русија, Египет и Индија допрва треба да ги препознаат нашите јаболка, изјави Коњановски.
Тој додаде дека солидна цена има и јаболкото за преработка од шест денари за килограм, а покрај тоа Владата субвенционира уште два денари. Тој посочи дека рокот за пријавување субвенции ќе биде продолжен.
Коњановски денеска посети и повеќе овоштарници во овој крај.