Владата и натаму ќе ги користи сите инструменти и расположливи средства за успешна приказна во земјоделството, рече ресорниот заменик министер Зоран Коњановски по денешната работна средба со земјоделците од охридските села Горно и Долно Лакочереј и Мешеишта.
Коњановски информираше за работните проекти на Министерството, за законските измени донесени на нивно барање, вклучувајќи ги и сосема новите регулативи. Посебно се осврна на законот за земјоделски задруги чие донесување во Собранието се очекува идната недела и најави силна поддршка за овој проект преку имплементирање низа мерки и програми со цел, како што рече, земјоделските задруги во Македонија да профункционирааат во полза на земјоделците.
Земјоделците од Охридско голем интерес покажаа за измените за Законот за возила со кој се легализираат земјоделските машини и механизацијата, за законот за легализација на објекти и згради на земјоделско земјиште, како и за измените на Законот за земјоделско земјиште што овозможува изградба на нови објекти на земјиште што не е урбанизирано.
– Со легализација на шталите, рибниците, оранжериите и помошните објекти им се дава можност на сопствениците за осовременување на земјоделските стопанства, пред се преку можноста за добивање средства од европските фондови за таа намена, рече Коњановски.
Тој ги повика земјоделците да не ги чекаат последните рокови за легализација на механизацијата и објектите што истекуваат на 10 април, односно 2 август годинава. Додаде дека Владата и ресорното Министерство преку низа програми, мерки и закони ќе продолжат да даваат стимулации за подобрување на земјоделското производство за на секој можен начин да им помогнат на земјоделците во нивната дејност.