Владата на 15 мај годинава го направи првиот чекор со формирањето на работната група, доставувањето на редовните извештаии од работната група и грижата за сите поднесоци и поплаки заедно со барањата што ќе ги поднесувате за достапност до информации, им порача заменик министерот за правда Оливер Ристовски на лицата кои сметаат дека се жртви на политички или на друг начин монтирани случаи во судството.
– По контролата што ја изврши Министерството за правда се утврди дека преку 800 предмети, повеќето од нив во кривичните совети биле давани на рака без да пројдат преку АКМИС системот. Доколку сметате дека некој од вашите предмети се водел на тој начин можете да побарате информација дали било тоа така сторено или не, рече Ристовски на Конференцијата „Реформа во безбедносниот сектор, владеење на право и механизми за пристап до правда“.
Тој нагласи дека истрагата која е отворена во ОЈО ќе покаже што навистина се случувало, особено во Основниот суд Скопје 1 – Скопје. Им препорача на заинтересираните веднаш да почнат со постапката заради ограниченото траење на работната група од само една година за да можат да ги добијата бараните информации по поднесувањето на барањата.
Слободан Богоевски, почесниот претедател на Комитетот за заштата на правата, еден од организаторите на денешната конференција, посочи дека во изминатите десетина години имало масовно кршење на човековите права со незаконското следење на комуникациите. Тој им препорача на засегнатите да се групираат при поднесувањето на барањата за, како што рече, да биде ефикасен процесот, но, додаде, тоа не значи дека сакам, а и никој нема право да ви го ограничи вашето право сами да поднесувате поединечно барање.
– На многу од засегнатите единствената надеж за фер судење и враќање на изгубените права, како и достапот до правда им е повторувањето на постпките и барањето на заштита на законитост кое оди преку јавниот обвинител на Република Македонија. Овие списи и информации кои ќе ги добиете врз основа на вашите барања од МВР и Министерството за правда,…, ќе ви овозможат ефикасно да си ги остварите своите права и да дојдете до можноста за фер судење, рече Богоевски.
Директорот на Управата за безбедност и контраразуанавање (УБК) Горан Николовски посочи дека целта на УБК е да ја врати довербата кај граѓаните и да ја подобри транспарентноста.
– Нашите надлежности се во делот на заштита на државата од дела против безбедноста на државата. Сето друго што се случуваше е борба против двата концепта – концепт на централизација на моќта и концепт на децентрализација на моќта кои сакам да ги надминеме. Изминатите години владееше концептот на централизација, рече Николовски и додаде дека тоа е најголемата опасност.
Другиот концепт- на децентрализација на моќта подразбира дека секој ќе си ги носи своите обврски и одговрности во својот дел на работењето.
– Нашиот дел во следењето на коминикации ќе биде само во делот на безбедноста на државата и работење на кривични случаи само во делот на дела против безбедноста на државата, рече Николовски.
Тој додаде дека разузанавањето и полициските овластувања не одат заедно, бидејќи е рецепт за злоупотреба и додаде дека на глобално ниво и во регионот речиси и да нема служби за контраразуанавање кои се дел од полицијата со исклучок на УБК.
Државниот секретар во МВР Магдалена Несторовска порача дека не може да се реформира УБК, а да не се реформира МВР и додаде дека штетата што е направена во периодот на фингирање и создавање монтирани случаеви многу тешко може да се врати.
– Се обидуваме да направиме реформа која ќе претстави нов лик на полицијата. МВР ќе се стави на располагање на работната група и ќе се обиде да подготви механизми кои ќе обезбедат приоритет на вашите барања за да помогне да се надомести штетата на жртвите на политички или на друг начин монтирани случаи во судството која е ненадоместлива, рече Несторовска.