Предизвици со кои се соочуваат жените, мајките и децата Роми во пристапот до превентивната здравствена заштита е темата на денешната конференција што ќе ја одржат здруженијата ЕСЕ, Романо Чачипе, ИЗИР и невладината организација КХАМ.
Според истражувањата на овие граѓански организации, Ромите во земјава се соочуваат со понеповолна здравствена состојба од останатото население. Како што наведуваат здруженијата, новороденечката смртност меѓу Ромите е за 1,5 пати повисока за разлика од македонското население во 2017 година. Во истата година речиси 50 отсто од смртните случаи кај Ромите се случиле пред 65-та година од животот, за разлика од 23 отсто кај останатото население.
Наодите од спроведеното истражување во ромските заедници ги детектираа и клучните проблеми со кои се соочуваат жените Ромки во пристапот до услугите за женското репродуктивно здравје.
-Половина од жените Ромки немаат избрано матичен гинеколог, пред се поради тоа што немаат матичен гинеколог во својата општина, како и поради наплаќањето на услугите од страна на матичните гинеколози. Само 2 отсто од жените Ромки од Шуто Оризари се опфатени со Програмата за скрининг на ракот на грлото на матката на Министерството за здравство, иако овој скрининг е од исклучителна важност за навремено откривање и лекување на овој вид на карцином, соопшти здружението ЕСЕ.
Појаснуваат и дека жените Ромки речиси воопшто не се опфатени со Програмата за скрининг и рано откривање на ракот на дојката, кој претставува најчесто малигно заболување кај женската популација.
-По однос на здравјето на мајките и децата повеќе од половина од жените Ромки не се посетени од страна на патронажна сестра за време на последната бременост. Додека ниту 20% од новородените не се посетени од страна на патронажна сестра во првата година од животот. Сето ова може да има значително влијание врз раниот развој на децата, што дополнително се одразува и на здравјето и на понатамошниот развој на поединците, информира ЕСЕ.
Како што е најавено, по конференцијата ќе следува и јавна дебата на оваа тема на која покрај претставници од граѓански организации, ќе говорат и претставници од Полкилиниката од Шуто Оризари и од Здравствен дом Делчево.