Подигнување на јавната свест за аутизмот, едукација на родителите и на младите професионалци пред се дефектолози, психолози, педагози и одделенски наставници, постигнување одржлив развој и институционална финансиска поддршка, е целта на конференцијата „Помош и поддршка на родителите кои имаат деца со аутизам“, која се одржува денеска во организација на Македонското научно здружение за аутизам.
Конференцијата се одржува во рамки на европскиот проект „Еднаквост и социјална инклузија преку позитивно родителство“.
Претседателот на Македонското научно здружение за аутизам, Владимир Трајковски рече дека проектот ќе заврши во август 2018 година и доколку после тоа државата не вложи средства нема да можат обучувачите од Здружението да ги продолжат обуките.
– Водиме сопствен регистар и досега имаме 170 деца и лица со аутизам, но тоа е далеку под светската статистика. Тој број е многу поголем. Не сакаат да дојдат сите родители, можеби не знаат дека постои Здружението. Државата многу слабо води грижа за возрасните лица со аутизам, додаде Трајковски.
Дефектологот Јасмина Трошанска истакна дека во рамките на проектот биле реализирани седум тренинзи во Скопје, Велес, Битола и Охрид.
– Обуката е наменета за родителите и целта е колку што можеме позитивно да влијаеме тие да ја прифатат состојбата на нивните деца и да влијаат позитивно на нивниот развој. Обуката содржи шест задолжителни модули. Она што навистина им треба на овие деца е токму визуелната поддршка. Постои желба и од градинките и од училиштата да ги вклучат овие деца, но наставниците колку и да сакаат не се подготвени, рече Трошанска.
Нагласи дека децата со аутизам претходно треба да се подготват за да дојдат во една средина како што е училиштето и градинката, а подоцна треба да се подготват и тие кои работат таму, пред се менаџментот на институцијата и наставниците.
– За овие деца многу ретко, речиси никаде не се подготвуваат визуелни распореди, визуелни сликички и одредени помагала кои им требаат за да можат да усвојуваат знаења, додаде Трошанска.
Зоран Гиев, родител на дете со аутизам, рече дека уникатноста на проектот е тоа што директно родителите вежбале и работеле за да се справат со отстапувањето на однесувањето на нивните деца, да ги менаџираат сите тие проблеми…
– Според новите светски стандарди, на 100 деца што се раѓаат едно има аутизам. Оваа состојба повеќе зависи од трендот на живеење. Живееме во свет со многу зрачење, нездрава храна и вода. Ние родителите ќе бидеме хендикепирани ако овој проект не продолжи понатаму, додаде Гиев.
На конференцијата учествуваат повеќе од 120 родители, експерти и универзитетски професори. Учесниците имаат можност да се запознаат со образованието за родителите на децата со аутизам во Македонија, Хрватска и Кипар, а се презентираат и примери за позитивни пристапи во оваа област.