Владимир Талевски е еден од најдобрите градоначалници во Република Македонија. Владимир Талевски чесно и совесно си ја вршеше својата функцијата од 2005 година наваму. Затоа битолчани три пати по ред му ја даваа поддршката, рече на прес конференција во партиското седиште членот на партијата и градоначалник на општина Аеродром, Ивица Коневски.
Тоа добро го знае и аболицираниот криминалец Зоран Заев. Тој знае дека со луѓе како Владимир Талевски, деструктивната политика на СДСМ никогаш нема да добие поддршка од граѓаните. Затоа Зоран Заев кој е аболициран за криминал тежок 8 милиони евра, нарачува политички прогон на градоначалници и функциoнери на ВМРО-ДПМНЕ.
Затоа Катица Јанева постојано ги следи неговите наредби. Таа мора да биде негов послушник за да ја оправда платата од 3.000 евра. Затоа СДСМ се закануваат и вршат притисоци врз судиите, бидејќи знаат дека тука не станува збор за правда базирана на какви било докази, туку за класичен политички линч.
Катица Јанева и судиите кои подлегнаа на притисокот од страна на СДСМ се должни да и објаснат на јавноста како е можно да се бара и да се изрече мерка куќен притвор за градоначалникот Владимир Талевски, а да нема таква мерка за градоначалникот на Струмица кој целата јавност го виде како бара поткуп од едно евро за него и едно евро за Вицето.
Како е можно Владимир Талевски кој редовно се јавуваше на сите судски покани да биде во куќен притвор, а Зоран Заев кој јавно изјавуваше дека за него не постојат македонските судови и дека нема намера да се одзива на поканите да биде на слобода ? Како е можно Владимир Талевски кој никогаш не сторил никакво кривично дело да биде во притвор, а Зоран Заев, кој неколку пати го повторува криминалот и веќе еднаш е аболициран да биде недопирлив за Катица Јанева и уценетите судии?
Конечно Катица Јанева треба да се соочи со срамот и судот на јавноста. Треба да ја каже вистината дека нема никаква вина кај Талевски, ниту некаква материјална штета за државата. Запазена е целосно законската тендерска процедура и избрана е најдобрата понуда. Дали Катица Јанева знае колкава е просечната цена по ученик во Куманово? Ако не знае, ние ќе и помогнеме. Медиумите веќе објавуваа дека просечната цена за превоз по ученик во Куманово е за 2,5 пати повисока отколку цената која што ја плаќа општина Битола. Ова е факт. Од овој факт бега и Зоран Заев и Катица Јанева.
Селективниот пристап на Катица Јанева е уште еден доказ дека тоа што го прави нема никаква допирна точка со правдата.
Владимир Талевски е жртва на политичкиот прогон на Зоран Заев и Катица Јанева. Тој е симбол на нивните неуспешни и деструктивни политики преку кои се обидуваат подмолно да му нанесат штета на ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на претстојните локални и парламентарни избори.
Зоран Заев и Катица Јанева нема да успеат во тоа. Двајцата ќе бидат поразени и ќе се срамат за ваквото нивно делување.