Во Собранието денеска продолжија да се спроведуваат интервјуата на пријавените кандидати за претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Пред членовите на Комисијата се појавија Борис Кондарко, актуелен член на ДИК, Владимир Клековски, акдвокат, Благојче Крстановски, пензиониран ревизор, Кирил Ковчегарски, адвокат, и Билјана Каракашова Шулев, вработена во ДКСК.
Седницата ќе продолжи попладне, а по половина час, за претставување ќе има уште осуммина кандидати/ки. Интервјуирањето на 42-та пријавени завршува утре.
-Судир на интереси нема согласно законот. Да беше некој од условите спорен или неисполнет вие како комисија за селекција немаше да ја прифатите мојата кандидатура и немаше да бидам повикан на интервју. Законскиот основ е минимум, меѓу останатото, десет години да не сте биле член на орган на политичка партија. Член на орган на политичка партија не сум бил од 2007 година, рече Кондарко одговарајќи на прашање на член на Комисијата во врска со неговите врски со СДСМ. Од 2008 година не сум пратеник, рече Кондарко, и сум градел професионална кариера.
Запрашан за иницијативата на ДКСК за набавка на апаратите за отпечатоци од прсти, Кондарко рече дека не бил директно инволвиран во набавката, како и дека не учествувал во Комисијата за јавни набавки, но од колегите во ДИК е известен дека од сите надлежни институции вклучувајќи ги Државниот завод за ревизија, Управната контрола која се спроведува за секоја јавна набавка, Комисијата за жалби по јавни набавки и Управниот суд кажуваат дека таа постапка е целосно законита.
-Тоа што го напишала ДКСК не сум го видел како образложение. Има други надлежни институции и ќе се изјаснат, рече Кондарко.
Меѓу свои приоритети за работењето на Комисијата за сречување на корупцијата, Кондарко, кој се кандидира и за член и за претседател на ДКСК, вели дека ќе бидат предмети од правосудството. Го дели мислењето од Извештајот на ЕК дека овој состав на ДКСК направил исклучителен исчекор во борбата против корупцијата, но смета дека комисијата треба да ја подобри соработката со други институции особено во правосудството како на пример со јавното обвинителство, Судскиот совет итн.
-Смислата на едно општество е check and balance, рече Кондарко кој смета дека треба да се работи повеќе во делот на правосудството за да се постигне баланс на независноста на судовите. Но, за конечни исходи, додава мора да има контрола. Кондарко е убеден дека мнозинството на судии се професионални и чесни и дека со ваква контрола ќе се тргне јагмата од фелата.
Доколку Кондарко биде избран за член и/или претседател на ДКСК, ќе се испразни уште едно место во Државната изборна комисија. За тоа кога би можело да се пополни ова место со оглед на тоа дека догодина следуваат избори, тој вели дека за тоа ќе треба да се погрижи Собранието и пратениците.
За неговата работа упати на извештаите на ОБСЕ/ОДИХР за минатите избори.
Пред него беше испрашуван Кирил Ковчегарски, адвокат, но и член на Комисијата за борба против корупција на ВМРО-ДПМНЕ. Ковчегарски ги кажа своите приоритети, а одговарајќи на прашања на членови на Комисијата кажа дека немал консултации со лидерот на партијата или со кого било за неговата кандидатура за иден член на ДКСК.
Благојче Крстановски, кој е пензиониран ревизор и има искуство со работа во полето на корупцијата, кажа дека еден од неговите приоритети би била анализа за користење на службени возила од буџетските корисници.
Адвокатот Владимир Клековски, брат на Сашо Клековски кој е член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ рече дека доколку има предмети поврзани со работата на ВМРО-ДПМНЕ или со неговиот брат тој би се изземал од одлучување по нив. Тој вели дека за неговата непристарсност доказ е и тоа дека конкурирал за член на ДКСК и на минатиот оглас.
За новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата пријавени се пријавени 42 кандидати, а досега поминаа интервјата на половината. Комисијата се очекува утре да го заврши испрашувањето на кандидатите, а одлуката кои кандидати го минале комисискиот филтер да се знае до крајот на следната недела.
Комисијата за селекција на кандидатите беше формирана на 14 месецов согласно Одлуката на Собранието за објавување јавен оглас за избор на претседател и членови на ДКСК. Членови на Комисијата за селекција се Јован Андоновски, заменик народен правобранител номиниран од Народниот правобранител, Снежана Камилоска Трпкоска претставник на Македонски центар за меѓународна соработка Скопје, член на Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор од областа на демократијата и владеењето на правото, Никола Додов претставник на Здружението за поттикнување и промоција на информатиката Асоцијација на студенти информатичари Скопје, член на Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор за областа медиуми и информатичко општество и пратениците од власта Фаница Николовска и Берат Ајдари и од опозицијата Ели Панова и Кастриот Реџепи.
Мандатот на актуелните членови на Комисијата Билјана Ивановска, Владимир Георгиев, Софка Пејовска Дојчиновска, Катица Николовска, Нури Бајрами, Горан Трпеноски и Шемси Салаи истекува на 7 февруари следната година и тие немаат право на повторен избор. Новата комисија треба да почне да функционира на 8 февруари 2024 година.