Не вообичаено, ова утро станав многу рано. И тоа за бадијала. Не оти правев нешто, туку ете, не ми се спиеше, иако ми се чини дека цела ноќ не заспав. А не заспав од размислување. Така општо размислување…
Размислував дури и за другата недела дека треба да одам на свадба, а поклон, дарче што се вели, немам купено. А по еден месец сум и на друга свадба. Луѓево со свадбиве ми се блиски и едните и другите. Ај ќе смислам нешто си реков, ама ајде смисли да те видам… Не се оди со ренде, или со “магарица” за сушење алишта…
Срамота е, си реков. Треба нешто по угледно. Ај си реков, жена ми ќе го трзнит картичено од “окејот” и ќе завршиме работа. Јас, со мојата плата ја регистрирав колата и отидоа 200 евра. Туку не беа само тие 200, уште 90 евра дадов за зелен картон. Па и за тоа дома настана кавга. Ме изеде жена ми. Вели, зошто даваше пари за зелен картон, за в’очи ти беше? Кај ќе одиш со картонот?
А бе види жено и велам, ќе се најдит, нека има. Можи ќе појдиме некаде… Еве, комшивкана Елица можеби ќе не повика да ја носиме во Софија, на очно, па со себапот и ние ќе прошетаме. Добро, не ми го кревај притисокот што сакаш прај, ми вели…
Така размислувајќи ме најде 3 часот по полноќ, а дремка никако да ми дојде. Туку да си најдам некој филм да изгледам, си реков. И почнав да вртам по каналите и туку одеднаш гледам вести. Оп, ново бомбиче. Чекај си реков да видам што е оваа работа, што има ново, оти послениве два-три дена речиси не гледав телевизија. Слушам и одеднаш како да се стресив од студ, па набрзо ме фати и жештина.
Жешко, како главата да ми се запали. Едно младо девојче, нешто како новинарка, се жали дека цела година ќе живеела бедно со 1500 евра, додека на сметка од нејзиното фирмиче не легнале 1.300.000,оо (еден милион и триста илјади) евра!!! И толку, нема спиење си реков. Ама што има од човекот, сум тептисал сосем. Сум заспал седнат. Се разбудив околу 7 часот. Пак не ми се спие. Што да правам сега си реков и ми текна. Еве прилика на жена ми да и приредам едно пријатно изненадување. Да бидам искрен, целта ми беше да ја разбудам за да не седам сам како заутарен.
Ќе сварам кафе си реков, а тацната ќе ја изаранжирам со битолски локум и цигара. И тоа не каква била, туку “Davidoff”. Ми ги даде Боризица Андреевска, за душа од Бориза, сега за Велигденот кога бевме во црква, на гробишта. Стално се гледаме таму, а и секогаш ми дават по нешто, оти мажот и е погребан блиску до татка. Кутра жена, од жал за Бориза, пак да речам, купила најскапи цигари, ко што пушеше Тито. Еве, ми рече, земи ги цигариве за душа од срикати Бориза. Ај нека му се најдат и велам и си ги зедов. Ама еве, ко што гледам сабајлево мене ми се најдоа, на макава…
Го сварив кафето и со одмерен тон, по малку романтичен, повикувам по жена ми. Едно време се разбуди и ми вели: Што си станал толку рано, да не одиш некаде? Не бе, кај ќе одам и велам, туку ајде стани оти кафето е готово. Си реков ќе се израдува, ама ништо… Остави го кафето и ако не ти се спие, оди некаде, излези… оди до пазарче купи нешто за во куќава. Е бати романтиката си реков (да ми простите на изразов) и си седнав сам, си го испив кафето, локумот го лапнав на два пати и излегов, така да речам малку како разочаран. Кај да одам си велам, човек нема по улици, викенд е.
Си спијат луѓето, си одмараат. Море вистина ќе појдам до пазарче си мислам, ќе купам една крстајца, ќе го викнам Богоја комуњарон на една ракија и нека викат по владава, а јас ќе го слушам и така ќе отепаме некој саат, да си поживееме ко луѓе. За воља на вистината многу ми се наоѓа човекот. Дали чешма ќе се расипит, некое црево на машината за перење и што и да е, Богоја не откажуват никогаш. Ноќе ако требит, ноќе ќе дојдит. И така, ај излегов, што да правам. Отидов прво до кај колата да видам да не има нова грепка со клуч, ама се си беше во ред.
Туку одеднаш го здогледав бакалџијата. Има повеќе бакалници кај мене, по уличките. Тоа е, Центар си е центар. Искрено, со него не се имаме дозапознато ко што требит, иако се гледаме веќе 6 години тука. Незнам зошто. Разни луѓе, разни табиети. Некогаш тој се муртит, некогаш јас и така… ама сега немаше бегање. Искрено, повеќе му ги запознав неговите бели сандали отколку него. Малку сонце да светнеше, одма еве ми ти го со сандалите. Некако го прават по горделив. А ги носи на босо и на некои чудни панталончиња, така по куси, некаде до глуждови, сигурно за да дојдат до израз. Кој знае како се замислува… можеби некаков антички војник, или… не знам!
Ви велам не сум го запознал убаво. Но сега и двајцата немавме со кого друг да попрајме муабет. Овој пат немаше бегање. Добро утро комшија, му велам. Кој знае какво е, ми одговори, така шеговито. Оти, што му фалит на утрово, го прашав. Ништо не му фали на утрово, нас ни фали, одговори бакалџијата. Аман бе комшија, што си се разочарал токлу, го прашав. И јас така шеговито како него. Со прашањата и одговорите, некако срамежливо се приближивме еден кон друг. А бе, не е едно за разочарување ми вели… гледаш што прават комуњариве? Ми се обрати така по дискретно. Искрено не очекував толку радикален пристап, толку жестока тема од сабајле да отворит мистериозниот бакалџија. Е што, му велам, што прават комуњариве.
А бе како што? Гледаш државата ја предаваат на странски служби… Како не си слушнал до сега?… и ги собра веѓите. Аман што зборуваш, го прекинав. До таму отишла работата? И бетер, ми велит. Како не си слушнал за тоа не знам. Цела држава е потресена од случајот. Дојди ваму по блиску… (ми покажа со прстот, малку како нареднички). Ти нели си за ВМРО? Но сеуште е несигурен во констатацијата. Порано сите бевме СДС, ама џабе… ете, видовме што направија… дополни. А има некој што не е за ВМРО?- го прашав. А бе што зборуваш ти, ми вели.
Овде сите се комуњари. Нема со кого два реда муабет да врзиш, очи ќе ти извадат. А за тебе знаев… Уште кога те видов прв пат, кога се насели овде во маалово, вака со брада, одма знаев дека си тоа… ама ај реков да не те распрашуем. Е што има врска брадата бе комшија? Е па се знае, штом си со брада, значи личиш на комита… Ами ти оти не пушташ брада, го прашав. А бе пробав еднаш, ама ич не ме личи. Демек без брада е многу личен. Ретка е, ми вели, а и многу ме јадеше. Цело време се драпав и се нафрлив меури, дури по вратов и назад до тилот. А бе зошто ти е брада, сега се е бербат направено, ништо не се знае. Имаш право, брзо се повлече од темата. Важно е да си комита, радосно констатираше бакалаџијата. Така е, реков.
Туку да те прашам, ми вели. Утре ќе одиш на гласање, на ова, на референдумов за ГТЦ? Ами, како да ти речам… да, ќе одам, му одговорив. А бе какво одење, ми вели, нашите не одат. Е како да не одат, какви комити ќе бидат ако не се борат?! А бе кај ќе се бориш со овие комуњариве, ти кажуем, овде се по више од нас Јас не сум жител на Центар, у Бардовци се водам… А бе џабе им е и референдум и бутур. Ако рече премиерот не важи референдумот и ај бркајте работа, колку сакаат нека гласаат референдуми. Можеби си во право, му велам, туку да те прашам, овие од Пустец не доаѓаат, што вели комитетот? Незнам! Ама и да дојдат за џабе е… малку се.
Виде за изборите што се случи?! Да, да… имаш право, му велам. Туку да ти кажам, имам една идеа, ама за понатаму, за некои наредни избори, да ги донесиме овие Хунзиве, како се викаа… Да им дадеме лични карти да си гласаат, па ќе го видат комуњариве и центар и епицентар, што мислиш? Не бе, не зафркавај, кој ќе ги донесе? Тоа е најмал проблем, му велам. Па нели Кралот беше дојден, тој ќе ги организира. Нешто со авиони, нешто со возови и ај со здравје. Оти да не гласаат, па и тие се наши. Еве, види го кралот, како се викаше… Газамфер ми се чини, ептен личи на нас. Рамно чело, стрмен нос, само што е малку по темен… А бе што знам, тоа е тешка работа, ми одговори. Велат дека овие Хунзиве биле од Александар, имаше на телевизија, ама има уште едно племе, Калаши. И тие биле наши. А бе седи мирен, му велам, какви Калаши…
Па тие се за Заев. Ај не зафркавај, вчудоневиден ме праша. Јас така имам разбрано, незнам со сигурност му велам. Изгледа за инает од Хунзите, оти ич не се сакале. Па и кај може човек се да знае… можеби овие од СДС, за инает од Грујо биле кај нив, кај Калашите, па се договориле за некаква соработка. Не ми се веруе, рече комитата и го поткрена ремчето на левата сандала, тоа задното, што му го опкружуваше глуждот на голата нога. За миг настана молк. Како да немавме повеќе зборови.
Со здравје да си ги носиш сандалите. Со тоа ја прекинав паузата. Нови ти се? Не бе, како нови. Сигурно имаат 5-6 години, ама многу се покажаа. Многу здрава сандала. А и убава боичка си начекал, продолжив да го фалам. Да, убави се, ама дека бели, осетливи се многу, се прљаат. Уште ова лето да истераат и ќе ги мењам. Добро, му реков, ако се здрави оти да ги менуваш… А бе така е, рече комитата, ама овде кај петицава попуштија, гледаш? Нема више лезет, ама и не се купуе ништо… Во тој миг и јас го забележав првиот негов муштерија утрово. Ај чао! Ќе прајме муабети ми рече и одеднаш се втурна во бакалницата. Ме остави сам на улица. Останав така замислен уште две-три минути и помислив: Ами сега…? Што прајме?!
Гоце Димовски – режисер