Власта и Регулаторна не даваат враќање на евтината тарифа на струјата

Од:

Мнозинството не изгласа да се прифати иницијативата на АМАН за измени во законот и да се врати евтината дневна тарифа на струјата.

Собраниската Комисија за економски прашања на денешната седница го разгледуваше Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика во прво читање поднесен преку Граѓанската иницијатива АМАН со 13.169 потписи од избирачи.

Со законот како што истакна Зорица Димовска од АМАН бараат да се врати ефтината дневна тарифа на електрична енергија и да не им се наплаќа надомест за топлинска енергија на корисниците во Скопје кои се исклучиле од системот.

Таа истакна дека со постојанoто зголемување на цената на електричната енергија и на парното греење се загрозува егзистенцијата на граѓаните и побара Собранието да донесе измени во Законот за енергетика со кои ќе може да и наложи на Регулаторната комисија за енергетика повторно да ја врати дневната ефтина тарифа и да ги заштити оние граѓани кои не користат, а треба да платат за парно греење.

Во реплика на нејзиното излагање заменик-министерот за економија Христијан Делев истакна дека правно предлогот од АМАН не може да биде вклучен во Законот бидејќи цената на електричната енергија и на парното греење и се што е поврзано со тоа се регулира во подзаконски акти односно во тарифникот кој е во надлежност на Регулаторната комисија за енергетика.

– Македонија како земја е потписничка на Договорот за енергетска заедница и не може да преземе еднострани чекори бидејќи во него е одреден начинот на наплата на електричната енергија на заедничкиот европски пазар кон кој се стреми и Македонија. Повторното враќање на ефтината дневна тарифа ќе значи дополнително оптоварување на нашите електрани или пак дополнителен увоз на скапа електрична енергија што во краен случај ќе придонесе на зголемување на цената на електричната енергија, рече Делев.

Пратеникот Газмен Алии од ДПА во реплика му посочи дека методологијата за цената на електричната енергија треба да се усогласи со животниот стандард во Македонија и додаде дека останатите земји од енергетската заедница имаат повисок стандард од Македонците. Претставникот на АМАН Горан Трајков, пак, посочи дека пазарот во Македонија се уште не е либерализиран поради што земјата не е должна да ги применува директивите на енергетската заедница во целост. Тој побара Собранието да утврди правила кои Регулаторната комисија ќе мора да ги следи за оваа проблематика.

Потпретседателот на Регулаторната комисија Светлана Јаневска рече дека сите предложени измени за електричната и за топлинската енергија се резултат на подзаконски акти, а не на Законот за енергетикиа. Таа прецизира дека измените се донесени за да се намали високата потрошувачка на електрична енергија во текот на денот за да се намалат потребите од увоз на струја.

– Дневната електрична енергија што се увезува е за 50 отсто поскапа од ноќната, а и нашиот најголем производител на ЕЛЕМ има вишок на ноќна енергија која доколку не се искористи им предизвикува дополнителни трошоци, рече Јаневска.

Презицира дека од 1 август до крајот на 2012 година се увезени 296 милиони киловат часови електрична енергија помалку во однос на истиот период 2011 година или за 69 отсто помалку, а трошокот за набавка во овој период е помал за 24,8 милиони евра или за 74 отсто. Додаде дека само Македонија од поранешните југословенски републики до 31 јули 2012 година имала ефтина тарифа и е единствена земја покрај Црна Гора и Босна и Херцеговина која има ефтина викенд струја.

Елена Маркова Велинова од Регулаторната комисија за енергетика пак посочи дека донесувањето на Правилникот за наплата за топлинска енергија за исклучените корисници се однесува само за корисниците во колективните станбени згради кои не се целосно исклучени од системот. Регулативата, додаде, е донесена со цел да се заштитат останатите корисници на топлинска енергија во колективната зграда кои сега треба да плаќаат и за исклучените.

– Во последните години бројот на исклучени корисници во станбените згради се движеше и до 40 отсто, а тоа предизвикуваше зголемување на сметките кај корисниците кои остануваа вклучени во системот бидејќи требаше да платат за енергијата што се губи во становите на исклучените како и во заедничките простории. Затоа донесовме Правилник исклучените да плаќаат дел за топлинска енергија за да се заштитат оние кои се во системот, рече Маркова-Велинова.
Фидан Кулевски од Регулаторната комисија за енергетика рече дека сите измени што ги донела РКЕ се во насока на заштита на енергетските системи.

Членот на Комисијата Васко Пашовски посочи дека укинувањето на ефтината дневна тарифа значи заштита на цената на електричната енергија и додаде дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да ја поддржи иницијативата на АМАН.

Би можело да ве интересира

Собраниска комисија нема да расправа за гасните централи и соларните паркови

Орце Костов

Граѓаните на Македонија плаќаат најскапа струја: Конкуренцијата во изборот за универзален снабдувач би им донела пониски сметки

А1он

Николовски: За 45% поголемо производство на струја, имаме најдобри резултати во енергетиката

РЕС одбележува една гостина постоење – компанијата донесе најповолно снабдување со електрична енергија во енергетската криза

(ВИДЕО) Андонов: Електро-енергетскиот систем е стабилен

ВМРО-ДПМНЕ бара итна седница за нивниот предлог Закон за енергетика