Спорните формулации – на дневен ред пред Kомисијата за расчистување на инцидентите од 24 декември. По блокадата на Kомисијата, преговарачките тимови на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, како и претседателот во оставка Борче Давитковски – повторно на иста маса.
Денеска ќе се знае дали Ад-хок комисијата за 24 декември ќе ги испегла партиските разлики, по што ќе се види дали бил оправдан оптимизмот на универзитетскиот професор Борче Давитковски, дека голема е веројатноста извештајот утре да се потпише.
Утрово во Клубот на пратеници повторно заседаваат членовите на комисијата од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со претседателот на комисијата Давитковски и странскиот претставник Петер Ванхаусен. На денешниот состанок комисијата треба да ги утврди правните квалификации за настаните од „црниот понеделник“.
Досега биле утврдени само фактичките случувања од критичниот ден. Комисијата запна со работа токму на тие правни квалификации, поточно дали и како биле прекршени уставот и законите, па затоа следуваше пауза од еден месец, а претседателот на оваа тело депонираше оставка.
Неофицијално се тврди дека придавките и формулациите, како „грубо“, „значително“, „големо“, „мало“, се причината поради која не може да ги усогласат своите ставови членовите на ад хок комисијата.