Комеморација во Ротимље по повод деветгодишнината од смртта на претседателот Трајковски

Од:

Со комеморација во Ротимље владина делегација предводена од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски денеска во близина на Мостар ја одбележа деветгодишнината од смртта на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, кој таму загина во авионска несреќа.

Во делегацијата покрај министерот Димовски беа и Рами Реџепи амбасадор на Република Македонија во Босна и Херцеговина, Емил Димитриев заменик министер за одбрана, Димче Петровски бригаден генерал и Љупчо Арнаудоски заменик генерален секретар во кабинетот на претседателот на Република Македонија.

– Претседателот Борис Трајковски беше личност која демонстрираше врвен патриотизам, еден од најдобрите луѓе што може една земја да ги поседува. Како голем поборник за единствена Македонија, претседателот Трајковски беше активен во се она што го правеше, вистински верувајќи дека Македонците со различно етничко и религиозно потекло можат да живеат и работат заедно, личност која безрезервно и несебично се посвети на својата татковина, рече Димовски на комеморацијата.

Тој обраќајќи се од името на македонската држава, на македонскиот народ и во свое име изрази тага и неизмерна почит на сите кои загинаа на кобниот 26-ти февруари.

– Република Македонија е горда што ве имаше, што имаше луѓе како Вас, храбри и посветени професионалци и најмалку што може Македонија да стори за Вас е да внимава, да го негува и надградува Вашето наследство, истакна министерот Димовски.

На комеморацијата присуствуваше и висока делегација од Босна и Херцеговина предводена од министерот за земјоделство Мирко Шаровиќ, кој го истакна огромното значење коешто го имаше претседателот Борис Трајковски за целиот регион.

Во Македонија годишнината од смртта на поранешниот македонски претседател Трајковски, беше одбележана во Скопје, во Алејата на великаните на Градските гробишта цвеќе каде на гробот на Трајковски цвеќе положи собраниска делегација.
Претседателот Борис Трајковски загина на денешен ден во 2004 година во авионска несреќа во близина на Мостар. Во несреќата, покрај Трајковски животот го загубија Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерството за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски, членови на обезбедувањето и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.
Владиниот „Кингер“ со кој претседателот Трајковски патуваше на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина, на 26 февруари 2004 година се урна во атарот на Матиќ Брдо, кај селото Хусковиќи во близина на Мостар. Авионот требаше да слета на мостарскиот аеродром во осум часот по локално време. Остатоците беа пронајдени 24 часа по паѓањето на авионот.
Истрагата што ја водеа надлежните македонски и босански органи покажа дека причина за уривањето се пропусти на екипажот направени во процедурата за приоѓање на аеродромот Мостар во услови на сложена метеоролошка состојба, густа магла и облачност. Пропустите биле во тоа што екипажот отстапил од процедурата за слетување, откако претходно ја известил контролата на летање дека ја прифаќа и дека врши полна процедура при слетувањето.
На барање на Македонија, во декември минатата година е повторно отворена истрага откако македонското МВР и Министерството за сообраќај на БиХ собраа нови материјални докази. Меѓу членовите на истражниот тим ќе бидат воздухопловни инжинери, пилоти, контролори на летање и други воздухопловни стручњаци.
Во рамки на истрагата, планирано е, меѓу другото, да се направи и симулација на кобниот лет со ист тип авион, а ќе бидат вештачени и инструментите од авионот кои се калибрирани во Белград, како и авиосервис во Германија каде „Кингерот“ бил сервисиран.
Борис Трајковски е роден во Струмица на 25 јуни 1956 година. Беше втор претседател на Република Македонија во периодот од 15 декември 1999 година до 26 февруари 2004 година.
За претседател на Република Македонија беше избран во 1999 година. Должноста шеф на државата ја извршуваше до 26 февруари 2004 година кога загина во авионска несреќа во близина на Мостар.

Би можело да ве интересира

Трајковски побара изземање на Јанева од „ТНТ“ заради „Рекет“

А1он

Трајковски за оставката: Ова нема врска со метлата, одам на друга функција

Кристијан Ландов

Трајковски: Дисциплинската постапка против мене е атака врз правата на пациентите, се кршат човекови права

Наум Локоски

Трајковски зел боледување од работа за да го посети Груевски во Будимпешта

Наум Локоски

На социјалните мрежи се шири фотографија од Груевски и Трајковски во Будимпешта

Наум Локоски

ВИДЕО: Демонстрантите доставија писмо до Иванов со барање за помилување на Груевски

Наум Локоски